Парагвајскиот спортски коментатор Хорхе Вера остана без акредитација за Светското првенство откако за време на директен пренос жестоко ги нападна ФИФА и нејзиниот претседател Gianni Infantino. ФИФА веднаш реагираше и му забрани понатамошно известување од турнирот.
Инцидентот се случил на натпреварот меѓу Парагвај и Турција, кога парагвајскиот репрезентативец Мигел Алмирон добил црвен картон затоа што ги покрил устата додека разговарал со противнички играч. Станува збор за ново правило воведено од ФИФА со цел да се спречи прикривање на расистички, дискриминаторски или навредлив говор на теренот.
Револтиран од одлуката на судијата, коментаторот во живо почнал да извикува навреди. Меѓу другото, го нарекол судијата „крадец“, а потоа се обратил и кон ФИФА со зборовите: „Го убивате фудбалот. ФИФА, вие го убивте фудбалот. Инфантино, ти си одговорен за ова.“
По инцидентот, ФИФА му ја одзела акредитацијата до крајот на Светското првенство и му забранила пристап до сите официјални локации поврзани со турнирот. Санкцијата важи и за сите платформи преку кои известувал неговиот медиум.
Подоцна, Вера јавно се извини и призна дека ја изгубил контролата. Тој изјави дека употребил навредлив и неприфатлив речник и дека никакво несогласување со судиска одлука не може да биде оправдување за такво однесување.
Сепак, медиумската куќа за која работи поднесе жалба до ФИФА, оценувајќи дека целосната забрана за работа на Светското првенство е непропорционална казна за прв прекршок за кој веднаш била упатена јавна извинителна порака.
Случајот повторно ја отвори дебатата околу новото правило за покривање на устата за време на разговор меѓу играчите, кое веќе предизвикува контроверзии меѓу навивачите, медиумите и дел од фудбалската јавност.
Ф.С.



