Европската комисија во средата објави дека се договорила да купи ограничена количина ремдесивир, лек против ковид-19, од американскиот производител на лекови „Гилеад“ за да ги задоволи краткорочните потреби на европските пациенти и се надева дека ќе може да порача повеќе подоцна.
Ремдесивир е единствениот лек досега одобрен во ЕУ за употреба против ковид-19, но скоро сите расположиви резерви веќе ги купиле САД.
Европската комисија се согласи да плати 63 милиони евра за да купи доволно дози за лекување на околу 30 000 пациенти, се вели во соопштението.
САД во јуни потпишаа договор со „Гилеад“ за повеќе од 500.000 третмани за лечење, што сочинува најголем дел од производството до септември.
Комисијата соопшти дека набавката ќе ги „реши само тековните потреби“ и додаде дека веќе работи на обезбедување нови дози од октомври.
Се чини дека е платена сума од 2.340 УСД по пациент, за што „Гилеад“ рече дека ќе наплати во побогатите земји.
Врвот на пандемијата со ковид-19 во повеќето европски земји помина, но новиот бран во последниве денови ги натера земјите да ги воведат ограничувањата.
Иако бројот на хоспитализации во Европа е во пораст, тој останува далеку под бројките во март и април, кога многу болници беа преполни. А.Н.