ХДЗ прогласи победа на парламентарните избори во Хрватска

0
130

ДИК ги објавува првите неофицијални резултати, предводени од ХДЗ со 68 места, а потоа следува Коалицијата „Рестарт“ со 43 места и Домовински Покрет со 15 места.

Пред седиштето на ХДЗ каде што има голем број на присутни симпатизери се обрати и Пленковиќ, се заблагодари на сите граѓани и партнери, потенцирајќи дека овој добиен мандат обврзува на уште поголема работа и додаде дека со работа започнуваат уште утре во 9 часот наутро.

„Оваа победа не само што е голема туку и обврзува, бидејќи имавме тежок мандат кој беше полн со неизвесности. За ова потребно е елан, работа, идеји, знаење и искуство. Се ова успеавме да го собереме во нашата програма и луѓето кои се на нашите листи. Ова е голема обврска за нас“, изјави Андреј Пленковиќ по објавувањето на резултатите.

За разлика од него, по соопштувањето на резултатите се огласи и Мирослав Шкоро кој вели дека само со 50 дена постоење успеале да станат трета партија во државата и со 15 пратеници да влезат во новиот собраниски состав.

– Благодарност до сите што излегоа на гласање. Благодарност на сите волонтери и на сите наши луѓе кои работеа на нашата кампања во изминатите неколку недели. Таа кампања беше многу кратка и многу валкана. И во целата оваа приказна можеме да бидеме среќни што по 50 дена постоење го остваривме третиот резултат во Хрватска. Верувам дека има и такви што очекуваа повеќе, некое чудо. Политиката е нешто што треба да биде реална и јас сум реален. Овие 15 мандати се добар показател дека сме во вистинската насока и дека гласачите го признале и дека сме во пресврт и дека хрватскиот парламент со овие бројки никогаш повеќе нема да биде ист и дека ќе се слушнат многу различни мислења – рече тој на почетокот .

Н.Доковска