недела, ноември 24, 2024
домаНасловнаОН: Да не ги игнорираме климатските промени заради пандемијата

ОН: Да не ги игнорираме климатските промени заради пандемијата

Обединетите нации во средата повикаа на борба против климатските промени „со истата решеност“ со која се бориме против пандемијата на КОВИД-19, бидејќи како резултат на глобалното затоплување од 2015 година умираат сè повеќе луѓе.

„Ние мора да ги ограничиме климатските промени, како и пандемијата“, рече Петерти Талас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација (СМО), по повод педесеттиот Ден на планетата Земја.

„Се разбира, КОВИД-19 предизвика сериозна здравствена и економска криза на глобално ниво, но ако не се справиме со климатските промени, човековата благосостојба, екосистемите и економиите би можеле да бидат загрозени со векови“, предупреди шефот на агенцијата на ОН во соопштението.

Пандемијата на новиот коронавирус однесе повеќе од 175,000 животи низ целиот свет откако избувна во Кина во декември и запре цели делови од економијата.

Ваквата состојба може да предизвика „привремено намалување“ на емисиите на стакленички гасови, што се главниот виновник за климатските промени, наведува СМО, истакнувајќи дека таквата реална ситуација не треба да биде замена за „трајно климатско дејствување“.

ОН повеќе се загрижени дека „по претходните економски кризи, честопати има закрепнување со значително посилен раст на јаглеродните емисии“. Меѓународната организација, исто така, повикува на подготовка на програми за обновување по пандемијата кои ќе дадат приоритет на „зелениот раст“.

„Треба да покажеме иста решеност и исто единство во борбата против климатските промени како и во борбата со (болеста) КОВИД-19“, истакна Таалас.

„Ние мора да работиме заедно во интерес на здравјето и квалитетот на животот на луѓето, не само во наредните недели и месеци, туку и низ многу идни генерации“, додаде тој.

Рекордните жештини, зголемувањето на киселоста на океанот, покачувањето на нивото на морето, топењето на глечерите и другите феномени се индикатор за постојано забрзување на климатските промени во текот на изминатите пет години, покажува извештајот за светската клима за периодот 2015-2019 година.

Иако овој период е најжешкиот досега забележан, експертите очекуваат светската просечна температура да сруши нов рекорд во текот на наредниот петгодишен период (2020-2024).

Светската здравствена организација предупредува дека генералниот ризик од заболувања и умирања поврзани со високите температури расте постојано од 1980 година. Околу 30 проценти од светската популација денес живее во климатски подрачја каде најмалку 20 дена во годината владеат жештини кои одземаат човечки животи.

Поројните дождови и поплавите, како последица на тоа, создаваат услови погодни за појава на епидемии, па така и на колера. Во земјите каде што таа болест е ендемична, проценето е дека се загрозени 1,3 милијарди луѓе, предупредуваат ОН. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ