Во поплавите кои ги предизвикаа поројни дождови на подрачјето на Мандра, Неа Перамос и Мегара во близина на грчката престолнина Атина, пет лица загинаа, а повеќе луѓе останаа заробени во домовите и автомобилите.
Противпожарните служби јавија дека тројца мажи и две жени биле пронајдени мртви во нивните домови или околината. Една жена настрадала во нејзиниот дом во градот Мандра, во близина на Неа Перамос, а 12 лица биле спасени од автобусот на мостот.
– Работиме најдобро што можеме да се соочиме со овие проблеми. Добивме повеќе од 160 повици – рече портпаролката на противпожарната бригада, Ставрула Малирис.
Улиците во Неа Перамос, околу 27 километри западно од Атина, се претворија во реки кал. Училиштата се затворени во овој град, а голем број луѓе се блокирани во своите домови и автомобили.
– Практично цел Неа Перамос е под вода – рече градоначалникот Јоргос Стамулис, додавајќи дека такво нешто досега не е видено.
Грција вчера објави вонредна состојба на островот Сими, поради бурата што ги оштети куќите и го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија.