Поради пандемијата пад на продажбата на автомобили и во ЕУ

0
133

Во март, само 567.300 нови автомобили били продадени на пазарите во Европската унија (ЕУ), што е за двојно помалку од истиот месец лани.

Глобалната економија веќе годинава страда од ефектите од пандемијата на коронавирус, а автомобилската индустрија е меѓу погодените области.

Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), продажбата во ЕУ е намалена за 25,6 проценти во првиот квартал, додека таа е уште поизразена во март, кога бројот на ново регистрирани возила во ЕУ опадна за 55,1 процент.

Гледајќи ги апсолутните бројки, само 567.300 нови автомобили биле продадени на пазарите на ЕУ во март, од 1,27 милиони возила минатиот март.

Ова се збирни податоци од 27 земји-членки, не сметајќи ја Велика Британија која ја напушта ЕУ.

Иако сите земји на ЕУ доживеаја пад на продажбата на автомобили во март, најдраматична е состојбата во Италија, каде е регистриран пад од дури 85,4 проценти. Имено, во март Италијанците купиле само 28.32 илјади возила, додека во истиот месец од претходната година биле регистрирани 194,3 илјади нови автомобили. На дното на списокот се Франција, каде имаат за  72,2 проценти помалу регистрирани нови автомобили во однос на март минатата година  и Шпанија за 69,3 проценти помалку регистрирани нови автомобили.

Германија успеа донекаде да го компензира падот на продажбата, така што бројот на ново регистрирани возила во таа земја беше намален за 37,7 проценти минатиот месец во однос на март минатата година.

Кога станува збор за првиот квартал од оваа година, во ЕУ се продадени 25,6 проценти помалку автомобили во однос на првиот квартал од минатата година.

Ако ги погледнеме четирите најголеми пазари на ЕУ, падот на продажбата на автомобили е за  35,5 отсто во јануари-март, најмногу по Италија  е погодена Франција со 34,1 отсто, Шпанија 31 отсто и во Германија 20,3 отсто.

Н.Д.