среда, декември 4, 2024
домаКујнаПовторно манџа

Повторно манџа

Кога мислам на ручек мислам на манџа. Најмалку од сета храна што сум ја внел во животот е токму манџата. Исклучок биле компирманџи слаткасто зачинети со ал пипер и во нив месо кое се распаѓа со поглед. Никакви нелупени пиперки, никакви нелупени домати, никакви сосови од шпајзот за зимата динстани со компир или бамји не можев да сварам. Кога ќе го сетев кромидот недоволно стопен запирав со јадење. Преосетливоста на моето непце на лушпите од грашак, боранија, патлиџан и сл. ме изградија во јадач на сува храна. И така до 115 кг.

Не можев, а да не поминам барем за миг, во денот без задоволување од наполитанки, чоколади или парени блага. Можев да изедам и цела торта (дванаесетина парчиња) или 1 кг. Бајадери  во еден здив, без прекин. Чоколадите ми беа фетиш: на едно „дегустирање“ собирав и по 300 – 500 грама, а имаше и по две – три дегустации двевно. Вистинско чудо е што оваа очигледна зависност не предизвика (барем не досега) други здравствени пореметувања.

По петмесечната кето диета дојдов на себе со килажата која не е суспектна да се нарече обеситост. Страста за храна ја заменив со уште поголема страст за готвење. На радост на сите домашни секој ручек ми е ритуал. Почнува со купување на намирници на неделна основа. Кромид, компири, тиквички, пиперки, патлиџани и домати, моркови, магдонос, зелка, дајкон, праз, лук и т.н. Инспирацијата ја збирам на дневна основа. Имам место за акумулирање на рецепти и сакам да експериментирам. А што ќе направам за ручек најчесто зависи од времето кое го имам на располагање. Во просек за 3-4 порции манџа, салата и супа ми се потребни 30-40 минути. Пилешката или телешката супа ми одземаат два часа, а печените зајчиња, прасенца или плешки од јагненца 3 – 4 часа.

Велат силата на уста доаѓа. Сигурно мислат на лажица, на манџа, на зеленчуци балансирани со зачини. Јас почнав да верувам во манџата и во лажицата. За мојата верба преточена во манџа во ова писание ќе ви издвојам две варијации на тема: шлапкање со лажица.

  1. Тиквичка, патлиџан и кромид кратко пропржени на маслиново масло како сантиметарски коцки. Сол, бибер, ѓумбир, лук и црвен пипер во мешано мелено месо пропржено на силен оган. Во намастена тава се става излупен компир исечкан на коцки, а врз него се истураат пропржените зеленчуци, врз нив во тавата се става и месото. Пред да се стави во загреана рерна се полива со матено јајце и хопла. Арома му дава и пармезанот наросен одозгора. Доволни се 25-30 мин на 180 Ц.
  2. Излупен домат и помало парче кромид и лук се блендираат. Во тавче со маслиново масло се пржи мисиркиното месо исечено на филети. Половина тиквичка се пропржува и пред да е готова се додава блендираната смеса. Е сега, трикот е во ренданиот дајкон како додаток на ова. Се додава и месото и е лапни голтни манџиче.

Овие два рецепти се повеќе потцетник отколку врвно кулинарство. Во недостаток на идеи за манџа водлестата структура на тиквичките, доматите и патлиџаните создаваат здрава смеса погодна за лажица. Блендирањето дава посебна боја и ги покрива можните несакани текстури за непце – сензорите. А црвениот пипер згуснува како брашно. Ѓумбирот е актуелен во оваа ковид пандемија и дава азиски шарм. А дајконот е луткаст само како сиров.

Враќањето на манџите и повторното откривање на лажицата во борба со килограмите ми помага во комплет со готвењето да го исполнам времето наместо ставање на прстиња по фејсбук. Незнам дали ќе ви помогне и вам!

Ф. Спировски

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ