Пишува: Наташа Доковска
Трагедијата во Кочани, каде што шеесетина млади луѓе ги загубија своите животи, не е само трагичен настан – таа е слика на нефункционалноста на државата, хроничниот немар и игноранцијата кон безбедноста на граѓаните. Овој пожар, кој одзеде толку многу животи, не е последица само на еден инцидент, туку на системски пропусти што со години се таложат без никаква одговорност.
Колку пати ќе слушнеме дека „системот не потфрлил“, додека луѓето умираат во пожари, на улици, во болници? Колку пати ќе ја слушнеме старата песна за „формирање на комисија“ која ќе ја истражи трагедијата, само за да исчезне во бирократските лавиринти? Колку пати ќе ни објаснуваат дека „ова не можело да се предвиди“, кога знаеме дека предупредувањата за опасноста биле тука – но не биле послушани?
Дали пожарникарите имале исправна опрема и доволно ресурси? Дали противпожарната заштита во зградата била во ред? Дали имало доволно излези за евакуација? Или пак, повторно, профитот бил поважен од човечките животи?
Ова не е само природна катастрофа – ова е човечка катастрофа, резултат на неспособност, корупција и неказнивост. Колку животи треба да изгубиме за конечно некој да сноси одговорност?





