среда, декември 4, 2024
домаКујнаПренос од концертот на дуото Кејхан Калхор и Ердал Ерзинџан на завршницата...

Пренос од концертот на дуото Кејхан Калхор и Ердал Ерзинџан на завршницата на 19. ОФФест

Затворањето на 19. Оффест ќе се случува вечерва од 19 часот со еден од најпосакуваните концерти на фестивалот на музика на светот, од кој ќе има и онлајн пренос. За завршницата во Македонската филхармонија е задолжено виртуозното дуо на иранскиот маестро Кејхан Калхор (Kayhan Kalhor) и брилијантниот турски инструменталист Ердал Ерзинџан (Erdal Erzincan), а ова нивно прво претставување пред македонската публика имајќи го предвид ограничениот капацитет на салата (30%) во услови на пандемија, организаторот „Скопски џез фестивал” ќе го пренесува и со бесплатен лајв стриминг / пренос во живо преку фејсбук и јутјуб каналите на фестивалот.

Линковите за онлајн следење на концертот на Кејхан Калхор и Ердал Ерзинџан се следните:
facebook: https://www.facebook.com/OFFest/posts/3509918729085811
youtube: https://www.youtube.com/watch?v=3OeWlnDA5V8

Кејхан Калхор (Kayhan Kalhor), добитникот на наградата Греми и наградата Womex Artist Award за 2019 година, се смета за најголемиот светски мајстор на иранското ќемане (персиска виолина). Меѓу сите негови бројни проекти и уникатни соработки што го привлекoa вниманието на публиката низ целиот свет, секако едно од највозбудливите е дуото со познатиот турски виртуоз на инструментот баглама Ердал Ерзинџан (Erdal Erzincan). Нивниот заеднички албум “The Wind” беше објавен за ECM во 2006 година и оттогаш оваа соработка е непрекината и жива. Класичните музички традиции на Персија и на Отоманска Турција што ја инспирираат музиката на Калхор и Ерзинџан имаат многу заеднички нешта, вклучувајќи го и древниот модален композициски систем познат како „макам”, а идејата за импровизација игра огромна улога во нивните духовно и емотивно моќни настапи. Нивната музика е сосема модерна и настојува да го вовлече слушателот во своето кралство на трансот, со преплетување на екстатичните ритми и сензуалните мелодични фрази. Резултатот е збир на инструментални композиции коишто се влеваат една во друга како едно континуирано дело, со нежно лебдечки премини во кои двата инструмента одекнуваат и импровизираат на различни фрази. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ