понеделник, ноември 25, 2024
домаЖивотПрезентиран Детскиот алтернативен извештај за состојбата на правата со децата во Македонија...

Презентиран Детскиот алтернативен извештај за состојбата на правата со децата во Македонија на „Меѓаши“

На денот кога секаде во светот се прославува Меѓународниот ден на детето, Првата детска амбасада „Меѓаши“ го презентираше Детскиот алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата во Македонија. На вчерашната прес-конференција, на која говореа учениците автори на извештајот, беа презентирани повеќе аспекти од животот на децата во државата и проблемите со кои тие се соочуваат, поделени во седум тематски целини, односно Запознаеност со детските права и нивно почитување; Насилство врз децата; Дискриминација; Слободно време, игра, спортски и културни активности; Деца на улица; Образование и Животна средина.

Извештајот е изработен од вкупно 13 ученици на возраст од 12 до 17 години од повеќе градови, рефлектирајќи се на наодите од истражувањето за состојбата на правата на децата во кое учествуваа повеќе од 1000 деца ширум земјата, но и врз основа на своето лично и искуството на своите врсници.

Извештајот е поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН, во рамките на процесот на периодично известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во Македонија. Истиот содржи детални и длабински увиди на децата во состојбите со детските права во државата и прецизни препораки за надминување на проблемите со кои тие се соочуваат и недостатоците на системот.

Децата истакнуваат повеќе проблеми, вклучително и нискиот квалитет на образование, недоволната хигиена во училиштата, немањето на соодветни услови за вклучување на децата во попреченост во образовниот процес, органиченоста на слободното време поради преголениот обем на училишни обврски, недостатокот на можности за вклучување во спортски и културни активности особено во помалите градови и руралните средини, високата загаденост на воздухот и други еколошки проблеми кои негативно се одразуваат врз добросостојбата на децата, превалентноста на насилството, а особено врсничкото насилство и дискриминацијата на децата по повеќе основни, вклучително по возраст, пол, јазик и етничка припадност, потребата од поголема грижа за менталното здравје на децата, недоволната грижа за децата на улица од страна на институциите и потребата за поголема запозненост со детските права и на децата и на возрасните.

Од „Меѓаши“ велат дека менторирањето на оваа група ученици е од непроценливо значење не само за нивната работа како застапници на правата на детето, туку, уште повеќе, за нивното залагање и практикување на принципот на учество на децата во процесите на носење одлуки за работи важни за нив. Тие потенцираат дека овој извештај е задолжително четиво за секој кој се грижи за добросостојбата на децата и унапредувањето на нивните права.

„Навистина сме среќни и горди што денеска пред вас имаме можност да го презентираме делото целосно составено од тим деца кои ја прифатија нашата покана да учествуваат во процесот на негова изработка. Децата го подготвија извештајот рефлектирајќи се на наодите од истражувањето за состојбата на правата на децата кое беше спроведено повторно од нив, во период мај – јули 2020 г., но и врз основа на своето лично и искуството на своите врсници. Грижејќи се за добросостојбата на децата од секој аспект, но и за унапредувањето на нивните права, искрено веруваме дека со ваков пристап и нивно активно ангажирање, состојбите на децата навистина може да се променат на подобро“, изјавија од „Меѓаши“.

Извештајот е подготвен во рамки на проектот „Да ги земеме правата во наши раце“, што е финансиски поддржан од Владата на Шведска.“ Автори се Александар Стојановски (14), Антонија Теовска (12), Евгенија Џабирска (13), Едина Мифтароска (12), Ерза Цапа (12), Јулита Постолова (17), Клара Костадиновска (13), Магдалена Петровска (13), Матеа Ефтимовска (12), Миа Џамбас (14), Моника Јордановска (16), Сара Дука (14) и Теута Зибери (17). Извештајот може да се најде овде. В.Ѓ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ