Скулптура на кит „улови“ холандско метро пред пад

0
272

Неверојатна незгода заврши со среќен крај како од приказните кога холандски возач на метро за малку избегна катастрофа откако возилото ја проби тампон зоната на крајот од линијата.

Возилото на метро линијата остана да виси на 10 метри од земјата балансирајќи на погодно поставена скулптура на опашка од кит, пренесе „Дачривју.ком“.

Службите за итни случаи излегоа масовно во инцидентот што се случи околу 00:30 часот на метро-станицата Де Акерс во Спајкинисе, југо-западно од Ротердам.

За среќа, машиновозачот можеше да се извлече од возилото. Иако тој, наводно, не е повреден,  пренесен е во болница како претпазливост. Според возачот во тоа време во возилото немало патници.

Инцидентот можеше да биде многу полош, да не беше скулптурата на крајот од патеката. Среќа во несреќа е што уметничкото дело „Китови опашки“ од архитектот и визуелен уметник Мартен Струјис успеа да го „улови“ метрото пред да слета на пешачката патека под него.

Не е познато како се случил инцидентот. Сепак, бидејќи несреќата се случи на крајот од метро линијата, ​​портпаролот на РЕТ посочил дека инцидентот нема да влијае на временскиот распоред, пренесува „Ну.нл“.

Сепак, „спасувањето“ на возилото ќе трае некое време. „Тоа е на висина од 10 метри на крајот од шините. Ќе биде тоа добра вежба“, изјавил портпаролот. А.Р.