понеделник, декември 23, 2024
домаНасловнаСо слинг најблиску до срцето на мама

Со слинг најблиску до срцето на мама

Слингот (модерниот шал за носење на бебе) може многу да ви ја олесни грижата за вашето малечко кое постојано сака да биде гушкано, милувано и смирувано.

Носењето на бебето во слинг шамиите е многу удобно! Бебињата едноставно имаат потреба да ја чувствуваат близината на мама. Не лутете му се на бебето ако плаче додека е во своето креветче или пак во количката. Обидете се да го ставите во слинг шамијата.Тој вид на носење на бебето има многу предности. Еве некои од нив: бебињата се поспокојни, близината на мајката им дава сигурност и удобност, новороденчињата имаат помалку грчеви во стомачето во првите месеци, можеш да отидеш со бебето насекаде, на прошетка, на кафе со пријателките, во продавница па дури и на планина,  двете раце ви се слободни

-можете да го доите бебето додека го носите, носењето на детето во слинг шамијата ја подобрува лактацијата, можете полесно да се грижите за поголемото дете, детето си завзема физиолошка положба и може да се носи од самото раѓање, добра профилактика на карлицата, носените деца стануваат посамостојни, лекарите ја препорачуваат слинг шамијата за недоносени бебиња, не се чувствува оптоварувањето на врвот на крстот и на рамениците.

Позиции за носење

Со тек на време ќе ја најдете најудобната позиција за вас и за бебето. Еве неколку од нашите предлози:

Позиција лулка – погодна е за новородените бебиња од пет-шест месеци. Бебето се става во слинг шамијата на положба лулка при доење, затоа таа положба е многу удобна за доење на бебињата, а кога се поголеми е лесна за заспивање на бебето.

Вертикална позиција – одговара за бебиња до пет-шест месеци. Бебето е исправено, со лицето кон вас, телото му е прилепено кон вашето тело. Оваа положба одговара за гушкање и смирување на бебето.

Позиција на колк – погодна е за деца со наполнети три месеци, бидејќи тогаш може да ја држат главичката исправена. Удобна е и за потешки бебиња, бидејќи поголемиот дел од телото на бебето се потпира на вашите бедра

Позиција на грб – се препорачува за подоцна кога детето има наполнето една година. На почеток, додека се навикнете, позицијата вежбајте ја дома. Така ќе бидете сигурни дека детето нема да ви испадне.

Слинг или бебешка количка

Родителите често пати се прашуваат дали е подобро да користат слинг или бебешка количка. Најмудрото решение е да направите комбинација од двете. Предноста за бебето носено во слинг е што го гледа светот околу себе исто така како што го гледате и вие. Додека, пак, во количка до шест месечна возраст, ако има среќа ќе може да го гледа вашето лице, по некое облаче на небото, високите гранки на дрвјата или пак рачките од количката. Визуелната стимулација не е неопходна, но сепак е важна за нервниот и психичкиот развој на детето.

Од друга страна пак, за подолга прошетка со бебето, за да може удобно да спие, ќе ви биде многу полесно да го изнесете детето надвор со количка.

Носењето на бебето е од суштествено значење за изградувањето на личноста на вашето дете. Зошто? Кога одговараме на неговите потреби и го земаме в раце, ние всушност комуницираме со него.Тоа подразбира дека има со кого да си „позборува“ има кој да го смири, да го разбере и кога во еден момент ќе го ставите во слинг и ќе започнете да ги завршувате работите со него или пак едноставно ќе заминете на прошетка со него, тоа ќе се почувствува важно, дека е дел од животот на мама.

Не случајно вака носените деца се покомуникативни и подобро се адаптираат во околината. Чувствувајќи се сигурни и заштитени во родителската прегратка, тие заедно со мама или тато водат активен живот- можат слободно да го набљудуваат светот, да се сретнуваат со луѓето, да истражуваат предмети, да бидат дел од секојдневните случувања. Од друга страна, од медицинска гледна точка, новороденчињата подобро го регулираат дишењето, срцевата активност и телесната температура, кога се наместени во непосреден контакт, кожа на кожа, на врвот на градите на својата мајка или татко. Не случајно се препорачува цел систем на чување на недоносени бебиња наречена „кенгуру грижа“ која што се препорачува од Светската здравствена организација, како модерен метод на неонатална грижа дури и во услови на постоење на скапа високотехнолошка апаратура. Слингот ви дозволува да сте целосно мобилни и без проблем да го носите секаде детето. Други предности за мајката се: рамномерно распределување на тежината на бебето (тежината и притисокот се многу помали), при што носењето на бебето може да биде подолго, без болки во грбот и крстот, рацете ви се целосно слободни и можете лесно да ги вршите секојдневните работи, можете дури дискретно да го доите бебето секаде, без да бидете забележани.

Носење без ризик

Иако вашето дете е убаво и удобно наместено во слингот, сепак често проверувајте го дали е во опасност. Ако детенцето е поголемо, самото ќе ви даде до знаење дека не му е удобно. Кај помалите бебиња не чекајте да заплаче за да проверите дали е удобно наместено:

Стегнат слинг

Веднаш по местењто на бебето проверете дали слингот е доволно стегнат за да се чувствува убаво и да нема ризик дека ќе испадне. Некои материјали се еластични, така што е возможно доколку подолго го носите, платното самото да се разлабави. Ако е неопходно повремено проверувајте и повторно врзете го.

Визуелен контакт

Добро е веднаш штом ќе погледнете надолу да можете да го видите лицето на бебето. Некој слингови имаат покривка, но ризично е да го покривате главчето на бебето со него, особено летно време.

Брадичката нанапред

Кај поголемите дечиња, кога ги носите на колк или на грб, тој ризик отпаѓа. Опасно е доколку новороденчињата ги носите во вертикална позиција или пак во поза лулка, ја притиснат брадичката на градниот кош. Тоа може да го отежне дишењето.

Потпора на грпчето

Добро е бебето да биде потпрено на вас, кога е ставено во вертикална положба – градите и стомачето да му бидат потпрени на вашето тело, така грпчето ќе му биде добро исправено. Ако е во положба на лулка, добро е да му го потпирате грпчето со рака. Истото важи и за носење на колк.

Повеќе видови на слинг шамии

Слинг со алки

Овој вид на слинг претставува парче памучно платно широко околу 80-90 сантиметри, долго околу два метри. Едниот крај од платното е собрано и на него се сошиени две метални алки. Другиот крај е слободен и се протнува низ алките.

Предности

-лесен за поставување

-брзо се вади

-можете да си го сошиете сами

-изгледа подобро како моден додаток

-подобар е за кратки прошетки

Маани

-го оптоварува рамото

-не е соодветна за долги прошетки

Слинг шал

Сосема едноставна варијанта. Изгледа токму како долг шал ( широк околу 80-90 сантиметри, долг околу пет метри ). Добро е да се направи од памучно платно, но да содржи и малку еластин.

Предности:-тежината се распределува на двете раменици и воопшто не се чувствува товарот.

-можете да си го сошиете сами

-погодно е за поголеми, потешки бебиња

Маани

-посложена е за поставување

-тешко се вади

-дури и кога ќе го извадите бебето шалот останува на вас

 

Слинг – варијанти

На пазарот се нудат најразлични модификации на слинговите со алки или слинговите шалови. Има и комбинации меѓу слингот и кенгурот.

Предности

-повеќето од нив се многу лесни за поставување и вадење

-нема потреба секогаш да ставате алки или пак да врзувате шал

-секој тип има упатство за употреба

Маани

-може да се каже дека сте инвестирале во нешто што не ви е удобно

-не одговараат сите на физиологијата на бебето

-некои се направени од материјал кој што не е погоден за летните температури.

С.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ