СЗО преку соопштение информира дека вчерашниот ден бил нов црн-рекорд по бројот на заразени за едно деноноќие, односно на листата на новорегистрирани на корона вирусот има 212.326 нови случаи. Стариот црн рекорд беше на 28 јуни кога биле заразени 189.077 лица за еден ден.
Вкупниот број заразени луѓе во светот вчера надмина 11 милиони, а повеќе од половина милион луѓе починале од коронавирусот за седум месеци.
СЗО исто така објави дека ги суспендира хидроксихлорокинските антималарични испитувања во комбинација со лекот против ХИВ лопинавир / ритонавир кај хоспитализирани пациенти со ковид-19. Се одлучиле на овој чекор откако е потврдено дека не успеале да ја намалат смртноста.
„Овие привремени студии индицираат дека хидроксихлорокин и лопинавир / ритонавир предизвикуваат мало или никакво намалување на смртноста на хоспитализираните пациенти со ковид-19 во однос на стандардната нега“, се вели во соопштението на СЗО.
За шпрв пат од почетокот на пандемија, во петокот СЗО немаше виртуален брифинг за новинарите, туку само прес конференција за новинарите кои се наоѓаат во Женева, а најавија дека од понеделник, 6 јули ќе продолжат со редовните виртуелни брифинзи за сите акредитирани новинари.
Н.Д.