Додека заради ограничено движење во пандемијата, поголемиот дел од времето го поминуваме заклучени во домовите, Светската здравствена организација (СЗО) нè советува да ја засилиме физичката активност. Според новите упатства, возрасно лице треба да помине најмалку 150 минути (два и пол часа) неделно вежбајќи, со умерен или засилен интензитет.
Новите препораки на СЗО за физичка активност доаѓаат во време кога пандемијата на коронавирус го опустошува светот, а прекумерната тежина или дебелината е поврзана со зголемен ризик од сериозни болести и хоспитализација поради Ковид-19, пишува „Си-Ен-Ен“.
СЗО претходно препорача возрасните на возраст од 18 до 64 години да практикуваат најмалку 150 минути умерено вежбање или најмалку 75 минути енергично вежбање секоја недела, а претходните препораки се однесуваат на здрави возрасни лица. Новите препораки сега вклучуваат лица кои се соочуваат со хронични состојби или попреченост.
„Да се биде физички активен е од клучно значење за здравјето и благосостојбата – може да ви помогне да додадете години во животот, и живот на годините“, рече генералниот директор на СЗО, др. Тедрос Аданом Гебрејесус во соопштение за јавноста. „Сите мора да се движиме секој ден – безбедно и креативно.“
„Без оглед на тоа кој сте, СЗО има на ум неколку основни принципи: Секој може да има корист од тоа да биде поактивен отколку да седи. Бавење со некои физички активности, без оглед на се, е подобро отколку да не го сторите тоа. Можете да започнете малку и бавно и да ја зголемувате фреквенцијата, интензитетот и времетраењето со текот на времето. Може да ги зајакнете мускулите дома или во теретана (кога е безбедно). А физичката активност е добра за нашето срце, тело и ум “.
Колку треба да вежбаат децата и адолесцентите
Децата под 17 години имаат потреба од најмалку 60 минути умерено до енергично вежбање секој ден, според новите препораки. Активностите треба да бидат претежно аеробни, како што се трчање или возење велосипед. Активности кои ги зајакнуваат мускулите и коските се исто така неопходни.
За да бидат децата поактивни, тие треба да ги искусат своите можности за активност како забава, покрај тоа што имаат пристап и можност, рече др. Стефани Волш, медицинска директорка на детска здравствена состојба при Здравствена заштита на децата во Атланта. Ако работите на тоа со вашите деца, обидете се да го користите зборот „вежба“ во смисла на игра или излегување.
Ако на вашето дете му е здодевно одење, направете го тоа попријатно играјќи игри. Адолесцентите можат да слушаат музика, да одат на видео разговор или да користат апликации за фитнес.
Водич за возрасни
Возрасните лица на возраст под 64 години, кои вежбаат најмалку 150 до 300 минути умерена аеробна активност или најмалку 75-150 минути напорни аеробни вежби неделно, можат да го намалат ризикот од рана смрт, срцеви заболувања, хипертензија, карцином и дијабетес тип 2, се вели во извештајот на СЗО.
Упатствата исто така препорачуваат постарите возрасни лица, на возраст од 65 години и постари, да прават најмалку 150 до 300 минути вежба со умерен интензитет или 75 или 150 минути енергични аеробни вежби во текот на неделата.
Вежби кои ги зајакнуваат сите мускули треба да се изведуваат најмалку двапати неделно. Истите упатства важат за постарите возрасни, колку што можат – но тие треба да им дадат предност на вежбите за рамнотежа и сила. Тие можат да помогнат во спречување на падови и со нив поврзани повреди, како и во ослабување на здравјето и способноста на коските.
Совети за бремени жени и родилки
Останувањето активен за време и по бременоста ќе биде од корист и за мајката и за бебето, вклучително и намален ризик од гестациски дијабетес, компликации при породување и постпородилна депресија.
Ако бремените и жените по породување немаат компликации, се наведува во извештајот, тие треба да вежбаат најмалку 150 минути умерени аеробни и зајакнувачки активности секоја недела. Истегнувањето може да биде корисно и смирувачко.
Сепак, бремените жени треба да обезбедат хидратација, да избегнуваат физички ризични активности и да бидат свесни за сите предупредувачки знаци што би ги предупредиле да престанат. Тука се вклучуваат вртоглавица, болни контракции или вагинално крварење. А.Н.