Американската компанија „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „БиоНТек“ денес објавија дека нивната вакцина против корона вирусот е над 95% ефикасна во финалната анализа на нивното масовно тестирање во фаза три.
Тие најавија дека вакцината со тоа достигнала клучен услов што ќе и овозможи на компанијата да аплицира за одобрување од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) „во следните денови“.
Доколку ФДА даде зелено светло на вакцината на „Фајзер“, таа компанија веројатно ќе остане во историјата како прва што ќе добие одобрение од ФДА за вакцината против Ковид-19, јавува „Еј-би-си“ на својата веб-страница.
„Фајзер“ веќе планира да започне да доставува милиони дози на вакцина до најчувствителните сегменти на населението веднаш штом владата даде одобрување, евентуално пред крајот на 2020 година, изјави компанијата.
Само минатата недела, „Фајзер“ и „Бионтек“ објавија дека, според прелиминарните податоци, нивната вакцина против коронавирус е над 90 проценти ефективна, бидејќи за време на едно испитување со повеќе од 43 000 волонтери само кај 94 пациенти се појавиле симптоми на Ковид-19.
Но, со пандемијата во полн ек, во САД и ширум светот, не требаше долго да се заразат повеќе волонтери, што набрзина доведе до 170 случаи со позитивни состојби Ковид-19 во тестирањето на „Фајзер“, надминувајќи го потребниот лимит за „конечна“ анализа на ефикасноста на вакцините.
Во соопштението објавено денес, компанијата вели дека, меѓу 170 волонтери кои добиле Ковид-19 во клиничко испитување, 162 примиле плацебо, а само осум заразени ја примиле вистинската вакцина.
Ова значи дека вакцината „Фајзер“ е околу 95% ефикасна во спречување на Ковид-19 со симптоми, според „Еј-би-си“.
Ажурирањето на „Фајзер“ на податоците за ефикасноста дојде откако друга американска компанија „Модерна“, неделава објави дека вакцината е ефикасна 94,5 проценти по прелиминарната анализа на податоците.
„Фајзер“ изјави дека ќе испрати барање за одобрување до другите регулаторни тела во светот, објави „Си-Ен-Ен“.
Ефективноста на вакцината е непроменлива во однос на возраста, расата и етничкото потекло, а забележаната ефикасност кај постарите од 65 години е 94 проценти, наведоа „Фајзер“ и „Бионтек“ во заедничката изјава.
Сè уште не е познато кое ниво на имунитет се добива по вакцинирањето, или колку трае тоа. Волонтерите во тестирањето ќе бидат следени две години за да се добијат одговори на овие прашања. А.Н.