Незадоволни од мерките на Владата, Занаетчиската комора на Скопје бара антикризни мерки за одржување на ликвидноста на занаетчиските бизниси. Занаетчиите, порача денеска Комората, се немоќни самостојно да се справат со финансиските потешкотии и да ги одржат бизнисите ликвидни во вонредната состојба.
– Не можеме да кажеме дека сме задоволни со мерките што беа понудени од страна на Владата затоа што занаетчиите се соочуваат со ситуација да не можат да си ги платат основните обврски по основ плата и придонеси за себе и своите вработени. Имаме обврска и мора заеднички да најдеме решение и во услови на пандемија да спречиме затварање на занаетчиски бизниси и отпуштање на вработени поради неможност занаетчијата да го поднесе финансискиот товар, и да овозможиме да продолжат со дејноста и по завршувањето на пандемијата, соопшти денеска Занаетчиската комора на Скопје.
Во соопштението се вели дека особено на удар се услужните занаетчиски дејности, правни и физички лица кои вршат занаетчиска дејност (фризери, козметичари, маникир и педикир, масери) кои допрва ќе почувствуваат финансисиски потешкотии за да ги одржат бизнисите ликвидни затоа што функционирањето во услови на пандемија на заразна болест е невозможно. Во најголем дел фризерските и козметичките салони занаетчиите ги затвориле самоиницијативно затоа што услугата што ја нудат е од типот на личните услуги и е во непосреден контакт со клиентите и функционирањето на овој тип занаетчиска услуга е речиси невозможна.
Во иста ситуација е целиот занаетчиски сектор затоа што побарувачката на занаетчиски производи и услуги ја нема и занаетчиите воопшто не остваруваат промет од почетокот на пандемијата со вирусот.
Од Занаетчиската комора на Скопје потенцираат дека се неопходни субвенции за придонеси и плати за месеците додека трае пандемијата на корона вирусот, за да ги задржат занаетчиите и вработените во занаетчискиот сектор. Тие бараат ослободување од плаќањата на придонесите за вработените и самовработените во занаетчискиот сектор за време на траењето на пандемијата, субвенции за плати за вработени во занаетчискиот сектор како мерки за зачувување на работните места, итно формирање фондови за занаетчиство што ќе бидат користени во случај на криза, пандемија на заразна болест, кои ќе ги користат занаетчиите, поволни кредитни линии и можност за репрограмирање на обврските кои би ги овозможиле институциите и банките. Од Комората предлагаат вклучување на локалната самоуправа, градот Скопје и општините со креирање на привремени мерки за ослободување од комунална такса за користење на јавни површини за занаетчии и комунална такса за фирма во периодот на почитување на мерките за спречување ширење на корона вирусот.
Н.С.