Пандемијата на коронавирус може дури половина милијарда луѓе ширум светот да турне во сиромаштија, предупреди во четвртокот непрофитната организација Оксфам.
Оксфам ги повика светските лидери пред пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка и министрите за финансии на Г20 да усвојат мерки за помош на економијата за земјите и заедниците во развој да може да ја држат главата над вода.
Во извештајот, нарачан од „Оксфам“, се посочува дека сиромаштијата би можела да се зголеми меѓу шест и осум проценти од нивото во 2018 година, бидејќи владите ја прекинаа економската активност за да го спречат ширењето на пандемијата на коронавирус.
„Тоа би можело да ја уназади борбата против сиромаштијата за десет години, а во некои региони, како што се субсахарска Африка, Блискиот исток и Северна Африка, за дури 30 години“, се заклучува во истражувањето на Кингс колеџот од Лондон и Националниот универзитет во Австралија.
Ако примањата поради рецесијата поттикната од пандемија се намалат за 20 проценти, тоа за дополнителни 548 милиони луѓе ширум светот би значело пад под 5,50 долари на ден, ниво што Светската банка го дефинира како граница на сиромаштија за земјите со горен среден приход, велат научниците.
Затоа Оксфам предлага исплата на неповратна помош и поголема поддршка за малите бизниси и моментално запирање на наплатата на долговите од сиромашните земји.
За да се овозможи ова, ММФ мора да донесе еднократно поттикнување на светската економија во форма на издавање специјални права за влечење (СПВ) од 1.000 милијарди американски долари, сугерира Оксфам. Оттаму, исто така, ги повикуваат богатите земји да ја засилат својата помош за најсиромашните и да усвојат кризни даноци на солидарност. А.Р.