Претседателот на Комисијата за економија на СДСМ, Кирил Колемишевски на денешната онлајн дискусија на тема „Нова развојна македонска економија”, ги објасни чекорите за добивање платежната картичка која има за цел да даде директна финансиска поддршка за повеќе категории граѓани.
Тој објасни дека фокусот на оваа мерка е опфат на невработените, активни баратели на работа и примателите на гарантирана минимална помош кои ќе добијат парична поддршка од 9.000 денари, додека вработените лица кои имаат месечни примања помали од 15 илјади денари ќе добијат на домашните платежни картички 3.000 денари исто и младите лица од 16 – 29 години.
Платежна картичка „Купувам домашно” со 9.000 денари наменети за купување македонски прозиводи и услуги ќе добијат над 100.000 граѓани, односно сите невработени лица, кои имаат месечен приход под 15,000 денари, како и примателите на гарантирана минимална помош.
Ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и домашна платежна картичка од 3.000 денари, ќе добијат сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно и немаат други приходи.
Со платежна картичка „Купувам домашно” ќе можат да купуваат македонски производи и услуги и со тоа индиректно се помага на домашните компании, рече Колемишевски.
Тој потенцира дека младите покрај паричната помош од 3.000 денари на домашната платежна картичка ќе добијат плус 6.000 денари за покривање на трошоците за сместување или партиципација како помош во нивото образование. Дополнително, околу 7 до 10 илјади млади добиваат и ваучери за кофинансирање за стекнување на ит вештини, обуки, тренинзи и курсеви, кои ќе посетуваат академии за вакви вештини, со цел полесно да најдат работа и бидат поконкурентни на пазарот на трудот.
Околу она што најмногу ги интересира граѓаните е начинот на кој ќе ја добијат картичката, а Колемишевски рече: „Процесот за добивање на платежната картичка „Купувам домашно” ќе е едноставен, без апликација од страна на граѓаните”.
Тој објасни дека издавањето на платежната картичка ќе биде од 3 јули со рок за искористување до 31 јули. Овие пари може да се користат во ресторани, кафитерии, зелени пазари, аптеки, он лајн продавници, секаде каде има безготовинско плаќање. Намената е само за домашни производи и услуги, со цел подршка на нашите компании.
Колемишевски на крај им порача на компаниите да го согледаат ова како шанса да го модернизираат своето работење, преку воведување на нови технологии.