Во 9 минути до 12 ч. во 9 региони во Македонија, се изврши традиционално закројување на лози со обредни и културно-уметнички активности, како продолжение на мултимедијалниот проект „9“ на писателот Гоце Ристовски, и неговата драма која се очекува на сцена, и со активности на здружението “Гороцвет” на уметникот Живко Поповски Цветин.
По повод празникот на светиот маченик Трифун, кој се истакнувал со исцелителни способности, лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите демони и кој со маченичка смрт умрел одбивајќи да се откаже од Исуса, покровител на меанџискиот еснаф и заштитник на лозарите и градинарите, во 9 региони во Македонија, на 14. февруари, со почеток во 9 минути до 12 ч. извршија традиционално закројување на лози голем број и културно-уметнички активности.
Во близина на кејот на Вардар беа закроени лози накитени со 9 мироносни слики – цвеќиња и се наздрави со вино во 9 специјално насликани чаши со цветни деветки што ќе ги изработи хуманистот и уметник Живко Поповски Цветин.
Се закрои лоза во близина на Жабарот нешто што веќе е традиција, а потоа се наздрави во овој познат локал, каде манифестацијата беше збогатена и со учество на Димитар Илиевски, Илија Николовски, Томислав Башевски, Илко Димитриевски-Шарпланинец, Тања Стоилковска и Љубиша Николиќ.
Се читаше беседа за Виното и љубовта, сите учесници наздравија со вино, го спомнаа Жабарот како боем и хуманист,
Дружбата беше строго под протокол, генералот Илија Николовски ја поддржа оваа средба, Љубиша зборуваше за фудбалот во “Работнички”, Димитар Илиевски за шахот, Илко Димитровски прочита песна со намена за настанот, а и новинарот Томислав Башевски страсен велосипедист. А се читаа стихови за виното и љубовта од Тања Стоилковска, Илко Димитровски, Ѓоргги Ѓоргиевски Ѓе. Ѓе. и Сотир Чаушевски.
На крај се запази и традицијата на пуштањето на пораката во шише со гранче од лозата натопено со вино и пораката потпишана од учесниците, балони парички и цвеќиња кои запловија во Вардар во придружба со пораката во шишенцето за здравје, мир, благосостојба, љубов, за сите луѓе во светот.
Во рамките на оваа прослава на друга локација во Скопје се славеше со говор во чест на делото кое се најавува и очекува со нетрпение, драмата ” 9 “на Гоце Ристовски, молитвени стихови за Свети Трифун упати проф. д-р Мимоза Раил, а поетесата Моника Стојанова говореше песни за виното.
****
Но, манифестацијата имаше свој одек и низ Републиката. Во лозјето на истакнатите копаничари Васко и Веселин Поповски, во село Оптичари, Битолско, надалеку познатите уметници и винари, во присутво на лозари од овој крај, беа создадени 9 инсталации во простор, изработени од пресечените лозови прачки.
Агрономот и сликар Зоран Митревски организираше самостојна ликовна изложба поставувајќи 9 слики од својата најнова творечка фаза на лозницата во дворот во Штип, поставени на закроените граники, посветена на Трајче Биријата, познат лозар и почитувач на традицијата поврзана со празнувањето на Свети Трифун во штипско.
Во Велестово, охридско, поетот Славе Ѓорѓо Димоски и синот Александар, во 9 минути до 12 ч. го закроија лозјето според аманетот на нивниот предок дедо Андон. Во органзација на ПНВ публикации се одржа поетско читање на песни за виното, а беше интерпретирана и песната “Молитва” од Булат Окуџава, добитник на Златниот венец на СВП, како своевидна порака за љубов, вера и надеж.
Како дел на оваа заедничка обредно културна манифестација во Струмица, во организација на Иван Котев, собирач на народни умотворби, се одржа и културно- уметничка програма, а овој познат фолклорист и поет одржа беседа за празнувањето на Свети Трифун во минатото и денес во струмичко, во друштво и на Љупчо Атанасов.
Со пригодни активности по закројувањето на лозите во присуство на повеќе лозари, во девет минути до 12 часот, беа организирани поетско молитвени активности и во Прилеп, во организација на агрономот Филип Димкоски, во Демир Капија на Пецко Димитриев, во Катланово на Анѓеле и Маре Јовановски и во Тромеѓа, кумановско на Драган Цветковиќ. Во Ресен лозница закрпи познатиот фолк пејачот Ташко Каранфиловски, а, во Охрид закројувањето за здравје и бериќет го направи познатиот етно пејач Мишко Србиноски Микеле.
Закројување и видео здравица упати и дипл.агр.Анѓелко Ангелески, метролог, закројување во Богомила, Пецко Димитриев, Демир Капија, Ангеле Јаневски Катланово, Драган Цветковиќ с. Тромеѓа Кумановски, Дончо Крстевски, пчелар од Демир Хисар.
По упатени молитви за заштита и бериќет на лозјата и градините и пораки и молитви за здравје, љубов и мир на луѓето во девете региони беа пуштени 9 пораки во шише – за здравје, љубов и мир – во водите на Вардар, Брегалница и Охридското езеро. В.Ѓ.















