Еднаш дневно: ЖЕНОМРСЦИ? 

0
155
На овој наш простор повеќе од очигледно мажите како да се вродени женомрсци. Јас такво искуство и чувство имам. А вие, драги жени? Ајде размислете убаво и кажете ми, ги очекувам вашите размисли со широко отворено емаил сандаче.
Ќе побараат секаква услуга или помош од било која жена, воопшто не се стеснуваат за тоа, а жената што и да направи какво ли дело успех, визија, колку и да е подобра од нив и тоа да им го покаже и докаже, таа ќе е потценета и непризната од нивна страна, и против неа секогаш ќе се формира некое претежно машко “здружување” кое ќе ја кочи, елиминира, отстрани, атакува на свој начин (освен ако со некоја не е во љубовна, семејна понекогаш неретко и партиска врска), за што многу се зборува и критикува, но без резултат. Џабе и сите залагања на луѓето однадвор да укажат, да ги насочат, тоа тука нивниот “софтвер” не го препознава и поддржува како програма.
Во земјите кои доживеале цивилизираност, соодветна на векот во кој живееме, секаде каде допрело модерното и разумно размислување, жената се почитува, таа е рамноправна. Не се гази врз нејзиното достоинство. И личност. Се почитува нејзиното дело, нејзиниот придонес во општеството, во нејзината фела, струка, професија. Заштитена е со закон и точка.
Македонските жени на своја кожа го осеќаат тоа и тоа е толку видливо и отворено се зборува за тоа. Не може да се скрие.
Денеска изгледав за мене мошне драга емисијата, во која најпознатиот менаџер на скопскиот ноќен живот М. Ц. раскажуваше за начинот на кој беше организиран животот во златните деведесетти. Секоја среќница и среќник кои живееја во Скопје го доживеја тоа преубаво време.
Како една од тие среќници, во тој надојден грст топли спомени, ми падна во очи, да забележам дека, замислете, во моштвото креатори на тој ноќен живот, менаџери на кафулиња на дискотеки, на музичари, музичари, немаше ниедна жена. Ниедна. Со своја изјава на кратко беше застапена само нашата најпозната и единствена етаблирана диџејка В. Ј. која во тие години со сопругот го поседувале најпознатото кафуле,и автоматски биле дел од оние кои ја кроеле шемата.
Па се прашувам? Како е можно жената како дел од нацијата и живеењето да е толку заобиколена, за неа да немало, а и се уште нема простор да биде креаторка, создавач, да нема ниедна менаџерка, ниедна музичарка која одлучувала или го движела тој ноќен живот, па дури ниедна друга така позната диџејка, па дури ни музичка новинарка, еве ќе си земам за право и тоа да го вметнам. Или имало, ама како да немало. Мажите одлучиле тие да одлучуваат за се.
Сега, по триесет години, за жал ситуацијата е полоша. Кога би се снимал таков документарец, иако одамна нема за што би се снимал, одамна исчезна тоа време, која ли жена ќе биде земена во обзир? Ниедна. Апсолутно ниедна.
Себеперцепцијата на машкиот свет дека кај нас дека дал рамноправност на жената е лажна, за нивното вистинско лице зборуваат нивните дела, постапки, размислувања, начин на живот. Начинот на кои ја (/не ја) вреднуваат жената.
Родово базирано потценување, дискриминација и непризнавање какво што има кај нас, е речиси чудно и несвојствено за земја, која просторно и територијално се наоѓа во Европа. А не во некој зафрлен и дистанциран простор. Во Европа, каде жените одамна имаат рамноправност, во секоја професија, и на секое поле.
Добро, за начинот како најчесто се добива позиција и подобар статус во општеството (секако не по одлука на жената, и тоа е од типот “дај што ќе дадеш”) сум пишувала доста пати. Но, темата е долга, еве, нека се осмели некоја жена, нека проговори јавно, нека впери прст во некој маж, или мажи, нека ги именува со име и презиме. Ќе биде од општа полза и во корист на генерациите жени кои доаѓаат.
Ако сегашноста е таква какво што било и минатото, иднината ајде да пробаме да ја промениме. Во жените лежи голема сила, треба само да се употреби и да се насочи кон оние кои и го одземаат тоа право. Женомрсците.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.