домаКУЛТУРАЛитератураВо спомен на Славенка Дракулиќ

Во спомен на Славенка Дракулиќ

Замина Славенка Дракулиќ – писателка, новинарка, интелектуалка и еден од најсилните женски гласови на просторот на поранешна Југославија. На 76-годишна возраст згасна авторката која со децении нѐ учеше дека литературата и новинарството не служат само за раскажување приказни, туку и за соочување со вистината, колку и да е болна.

Родена во Риека во 1949 година, Дракулиќ дипломирала книжевност и социологија во Загреб и изградила меѓународна кариера како новинарка и писателка чии дела беа преведени на десетици јазици.  

Нејзините книги зборуваа за комунизмот и транзицијата, за војните на Балканот, за жените, за стравот и за надежта. Таа беше меѓу првите авторки што јавно и храбро отвораа прашања за положбата на жените во општеството и за насилството врз нив, во време кога многумина молчеа.  

Славенка не пишуваше за историјата како збир на датуми и политички одлуки. Таа пишуваше за луѓето зад насловите – за жените што преживеале војни, за граѓаните што се обидувале да најдат достоинство во транзицијата, за обичниот човек фатен во вителот на големите политички промени. Нејзините текстови ни помогнаа подобро да разбереме што ни се случуваше во последните четири децении.  

Во време на национализми и поделби, таа остана доследна на универзалните вредности – човечноста, слободата на мислата и правото да се поставуваат непријатни прашања. Поради своите ставови беше напаѓана и принудена да ја напушти Хрватска во почетокот на 1990-тите, но никогаш не се откажа од правото да зборува гласно и искрено.  

Со заминувањето на Славенка Дракулиќ регионот загуби голем писател, а Европа значаен интелектуален глас. Но остануваат нејзините книги – како сведоштво за едно време и како потсетник дека добрата литература не старее.

Почивај во мир, Славенка. Твоите зборови ќе продолжат да живеат таму каде што најмногу припаѓаат – меѓу луѓето кои веруваат дека вистината вреди да се напише и кога е најтешко.

Н. Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ