Еднаш дневно: ЗАФИР И ЏОЛЕ

0
325

Веќе втор ден ја посетувам фб страницата на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, со надеж да прочитам за настан пред Универзална сала со песните на македонската легенда Зафир Хаџиманов, во чест на неговиот пребогат уметнички живот кој згасна пред два дена од Ковид 19.

Зошто баш кај него? Затоа што кога, среде пандемија, се организираше последно музичко “Збогум” на славниот новосадски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ со музика и можност да се напише некој збор во книгата на жалоста, да му се засјае патот кон вечноста со некоја свеќа, и бев подготвена да пријавам во полиција за групирање што во основа е забрането, линкот ме упати токму кај градоначалникот. Тој беше и меѓу организаторите на некој начин, за мое разочарување.

Набрзо прифатив дека тоа е е вистина, за што дополнително ми потврдија неговите заеднички фотографии со Џоле на својот приватен профил .

Беа тоа денови полни со носталгија од меланхолијата што на фб ја покренаа споделените песни на новосадскиот мајстор, со онаа шеретска поезија преточена во симпатични песни, од своја страна и со траги на патетичност.Се случи почесниот настан, за среќа не слушнавме за нов кластер на заразени (а кој знае?).

Скопскиот градоначалник го бие глас на журкаџија, по журките што од балкон во својата младост ги правел за своите соседи Чаирчани, а ова не може да се вметне во приватна журка”, ова беше вистинска одлука, Џоле имаше еден убав балкански предзнак и секој од братските ју народи што го разбираше за што пее си го чувствуваше за свој, дури и оние навредени од него поради некои неумесни квалификации што ги дал своевремено за Србите.

Да не беше пандемија сигурно ќе имаше многу повеќе луѓе таа вечер. Останува почеста што ја направија сите тие, во име на сите нас.

Новосаѓаните ќе му оддадат многу повеќе почести, тоа беше нивни човек.

На нас сега е ред за нов гест, оддавање соодветна почест на споменот за легендата Хаџиманов, нашиот човек.

Не би споредувале сега кој од овие двајца е подобар музичар, имал повеќе хитови, имал поголема кариера и позначајна димензија. Не е тоа поентата И двајцата во својата зона се значајни, не можеш Ти двајца уметници од таков ранг да ставиш на тас, никако, уметник и да има макар еден обожавател, тој некому е вреден. Џоле бил на многу генерации, испеал и песна за Скопје.

И Зафир бил на многу генерации, испеал и песна и за Скопје и за Вардар и за момче Македонче, и за љубовта, испеал и тука и таму и во САД и во СССР, голем бил и колку една париска “Олимпја”, сиднејска “Опера хаус”, “Болшој театар”, сон на секој светски уметник, каков што беше нашиот Зафир. Светски уметник уште од самиот почеток на својата кариера, кога случајно бил откриен при служење на војска, од Арсен Дедиќ, авторот на неговата прва песна.

Оттогаш толку полн со живот, со музика, толку мултимедијален и толку пред своето време, неописливо е колку авангардност содржи целиот негов балкански и светски уметнички пат.

Не е скопскиот градоначалник тој што треба да му даде целосно одличје, неговото одличје е многу пошироко и интерконтинентално, ќе му го даде народот нановој голем и роден амбасадор на уметноста, ставен во светска рамка.

Скопскиот градоначалник е тој што треба да организира во најмала рака нешто слично како она “Збогум Џоле”, барем со видео бим и емитување на песни пред Универзална, неколку денови со ред. Да се потсетат Скопјани кои ќе поминуваат од тука на своето “Момче Македонче” кое ги славеше и прославуваше, под кое небо и да за пееше со својот глас- ѕвонец.

А и Универзална не е за настани во манир “приватна журка од балкон,” тоа е светската точка на државата каде и самиот Хаџиманов триумфирал на Скопските фестивали со своите вечни шансони и ги отпочнал своите почетоци.

Ова онака нафрлано како идеја, како обврска на некоја од фелата, повеќе сигурно ќе има и советниците кои професионално ќе го посветуваат градоначалникот како носи редот.

Зар ја ставаме под знак прашалник можноста дека нема и таков кадар околу себе, избран по регуларен конкурс и високи критериуми. Не од маало, таман работа, никој не очекува такво нешто. Некој навистина профи.

Но ако веќе изостанува таков советник народот си ја зема слободата да го потсети, за оваа негова градска обврска како градски татко.

Сега засега тоа, видео бим со песните, кога ќе се реновира Универзална и нешто многу повеќе, посветено на вечниот Зафир Хаџиманов, чии ѕвездени чекори секогаш ќе крцкаат таму, за оние кои умеат тоа да ги слушнат…

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.