Борбата со пожарите во Македонија: Вечен проблем со немање на решенија

0
90

Пишува: Наташа Доковска

Сношти додека слушам вести добив неколку пораки на вибер со иста или слична содржина, што се случува кај вас, живи изгоревте…А, пораките беа од Германија, Австрија, Франција, Шпанија! Замислете Македонија била главна вест!!! Се разбира не по убаво, не по медал од ОИ или нешто слично. Со информација дека живи гориме, а не можеме да се справиме со пожарите. За нас, домашните-ништо ново, нели?! Секое лето сме сведоци на истата трагедија. Огромни шумски пожари ги зафаќаат нашите планини, села и градови, оставајќи зад себе пустош и уништени животи. И покрај годините што поминуваат, нашата држава сѐ уште не успева да се справи со оваа катастрофа на соодветен начин. До кога ќе продолжуваме да ги гледаме истите сцени на телевизија, слушаме истите изговори и трпиме истите последици?

Прво и основно, потребно е систематско и сериозно планирање за превенција на пожарите. Шумите во Македонија се богатство што мораме да го заштитиме, но секоја година истите тие шуми ги гледаме како исчезнуваат во пламен. Владата мора да инвестира во создавање на детален план за превенција, кој ќе вклучува редовно чистење на шумските патеки, контрола на можните ризици и образование на населението за правилно однесување во природа.

Втората критична точка е опремата и обуката на пожарникарите. Во многу наврати, пожарникарите се соочуваат со пожари без соодветна опрема и обука, што ги става нивните животи во опасност и ја намалува ефикасноста на интервенциите. Државата мора да обезбеди современа опрема и редовна обука за пожарникарите, како и да создаде специјализирани тимови за справување со шумски пожари.

Трето, потребно е зголемено финансирање и поддршка за локалните самоуправи и невладините организации кои работат на терен. Тие често се првата линија на одбрана против пожарите, но нивните ресурси се ограничени. Државата мора да обезбеди финансиска и логистичка поддршка за овие организации, како и да поттикне соработка помеѓу различните институци

Четврто, потребни се континуирани кампањи за подигнување на свесноста меѓу граѓаните. Многу пожари се резултат на човечка грешка или невнимание. Преку едукативни кампањи и јавни настани, граѓаните треба да се информираат за опасностите од пожарите и мерките што можат да ги преземат за да ги спречат.

Конечно, мора да се воспостават итни служби и механизми за брза реакција. Пожарите не чекаат и времето е клучно. Со создавање на добро организирани итни служби, кои ќе можат брзо да реагираат на првите знаци на пожар, значително ќе се намалат штетите и ќе се спасат многу животи и имот.

И не дека јас сум најпаметна и делам ум. Не сум ги измилал погоре споделените чекори за успешна акција, туку постојат пишани документи во ОН и телата нивни каде Македонија е членка и ако ништо друго може да прочита и да го спроведе напишаното. А не секое лето да сме сведоци на истиот кошмар. Секое лето ги гледаме нашите шуми како исчезнуваат и нашите пожарникари како се борат со надчовечки напори. Време е државата да преземе конкретни мерки и да покаже дека ги сфаќа сериозно овие проблеми. Македонија заслужува подобро. Нашите граѓани заслужуваат подобро. И нашите идни генерации заслужуваат да наследат здрава и безбедна животна средина.