Оваа сабота кон недела, 26 кон 27 октомври, часовникот ќе се врати еден час наназад, што значи дека ќе преминеме на зимско сметање на времето. Со враќањето на стрелките од 3 на 2 часот ќе имаме можност да спиеме еден час повеќе, но тоа не значи дека ќе се разбудиме одморени.
Стручњаците предупредуваат дека ваквото поместување може да предизвика здравствени проблеми кај луѓето, дури и кај оние кои се здрави. Затоа, важно е да се подготвиме за овој период. Истражувањата покажуваат дека ваквите промени може да предизвикаат замор, стрес, поспаност, депресија и зголемен апетит, што е последица на промената во биолошкиот часовник на телото.
Докторката Нада Косиќ Бибиќ, специјалист за социјална медицина, вели дека ова поместување на часовникот е стрес за организмот и кај некои луѓе може да предизвика чувство на замор, расеаност, главоболка и намалена продуктивност. Хронично болните луѓе, особено оние со кардиоваскуларни проблеми, може да почувствуваат влошување на здравствената состојба.
За да се прилагодиме на промената, важно е да одиме порано на спиење и да му овозможиме на телото да го задржи потребниот период на одмор. Ова ќе помогне во полесно прилагодување на новото време.
Луѓето кои страдаат од хроничен стрес и заболувања треба внимателно да ја следат својата терапија и, доколку е потребно, да се консултираат со својот лекар. Важно е да одржуваме здрави навики, како правилна исхрана, редовна физичка активност, избегнување на алкохол и цигари, и доволно одмор, за да имаме посилен и отпорен организам.
Д-р Косиќ Бибиќ додава дека младите луѓе полесно се прилагодуваат на овие промени, но дури и тие можат да почувствуваат последици во првите неколку недели. Важно е да се научиме да се справуваме со стресот и секојдневните предизвици на здрав начин, бидејќи нашиот начин на живот директно влијае на нашата способност за адаптација.
Промената на времето може да има и посериозни последици, како хроничен замор и главоболки, особено кај луѓето кои имаат неуредени животни навики. Затоа, стручњаците препорачуваат секој да внимава на својот начин на живот и да го одржува телото здраво и подготвено за вакви и слични промени.
А.Н.