Термоелектраните од Западен Балкан причина за загадувањето на воздухот низ цела Европа

0
42

Загадениот воздух од Западен Балкан најпрво се шири кон соседните држави, но со текот на времето стигнува до сите земји на Европската унија. Термалните електрани на јаглен во Србија, Црна Гора, Албанија, Македонија, Косово и Босна и Херцеговина претставуваат закана за здравјето и безбедноста на европското население поради зголеменото испуштање на штетни супстанции, укажуваат учесниците на панелот во рамки на Европската зелена недела.

Влатка Матковиќ, советничка за здравје и енергетика во Алијансата за здравје и животна средина (HEAL), изјави дека „загадувањето на воздухот не познава граници“. Според истражувањето од 2016 година, 16 термални електрани на јаглен на Западен Балкан емитирале иста количина сулфур диоксид (SO2) како 250 такви постројки во ЕУ.

Петер Вајда, експерт од Енергетската заедница за животна средина, нагласи дека застареноста на термалните електрани е главната причина за нивното штетно влијание. Тој додаде дека овие електрани не ги исполнуваат стандардите за квалитет на воздух што ги очекува ЕУ.

Според анализата на Светската здравствена организација (СЗО) и Европската комисија, загадувањето од термалните електрани на Западен Балкан предизвикува околу 4.000 предвремени смртни случаи и 8.000 случаи на бронхитис кај деца годишно. Овие бројки покажуваат дека подобрувањето на квалитетот на воздухот во регионот треба да биде приоритет на идните европски политики.

Клаудио Белис од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија истакна дека постојат многу правни инструменти за решавање на проблемот со нискиот квалитет на воздух, но тие остануваат „само на хартија“. Тој подвлече дека вистинската примена на законодавството за чист воздух е клучен услов за постигнување на целта за нетоксична животна средина, како што е наведено во Европскиот зелен план.

Европската комисија минатата година претстави економски-инвестициски план за земјите од Западен Балкан, со предвидена помош од девет милијарди евра за периодот 2021-2027 година. Планот вклучува иницијативи за инвестирање во главните патни и железнички врски во регионот, обновливи извори на енергија и транзиција од јаглен, како и зголемување на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Заради се поголемата потреба за намалување на емисиите и интересот за заштита на природата, Европската унија организираше виртуелна Зелена недела, најголемиот настан посветен на зелените политики. Граѓаните имаат можност да учествуваат во дискусии и дебати за екологијата и здравјето, биодиверзитетот и екосистемите, како и да се информираат за насоките за постигнување на зелени промени во и надвор од ЕУ.

Н.Д.