Словенија опоменета за недоволен напредок во имплементација на препораките за борба против корупцијата

0
27

Групата држави на Советот на Европа против корупција (GRECO) денес објави извештај за Словенија, оценувајќи го напредокот во имплементацијата на препораките дадени во Петтиот евалуациски извештај од 2018 година, кој се однесува на превенција од корупција и промоција на интегритет во централната влада (на највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот.

GRECO заклучува дека Словенија ги имплементирала целосно или задоволително само шест од вкупно 15 препораки од 2018 година. Шест препораки се делумно имплементирани, а три остануваат неимплементирани.

Иако е направен одреден напредок во однос на имплементацијата на некои од останатите препораки, особено во врска со подигнувањето на свеста за интегритет во владата и зголемувањето на транспарентноста во односите со лобисти, потребни се конкретни акции за интегритетен план за владата, управување со конфликти на интереси и спроведување на темелни проверки на декларациите за имотна состојба.

Во делот на органите за спроведување на законот, преземени се чекори за подобро идентификување на проблемите, управување со ризиците и конфликти на интереси. Применети се мерки за зголемување на застапеноста на жени во полицијата и за зајакнување на заштитата на укажувачите на неправилности. Меѓутоа, потребни се конкретни акции за сите полициски службеници да ги користат достапните канали за пријавување неправилности; одлуките за унапредувања треба да бидат пофер и потранспарентни, а властите мора да развијат механизми за превенција и управување со конфликти на интереси по напуштањето на службата во полицијата.

GRECO заклучува дека Словенија не е во доволна усогласеност со препораките содржани во Петтиот евалуациски извештај и бара од шефот на делегацијата на Словенија да поднесе извештај за напредокот во имплементацијата на останатите препораки до 30 јуни 2025 година.

Н.Д.