Животите на жените не се бројка на мртви

0
32

Пишува: Наташа Доковска

“Тој беше насилник, постојано ја малтретираше, а таа молчеше” – со насолзени очи говори мајката на убиената девојка вечерва во Штип и вели дека ова го кажува јасно и гласно со цел да слушнат и родителите на убиецот, а и сите други мајки…

И од неа слушнавме дека вечерва, во Штип, се случило убиство врз жена. И која дрскост убиецот отишол и пријавил дека ја убил. Мртов ладен! Демек заслужила! Кој му дава нему право да одлучува кој заслужил да живее, а кој не?! Или, мисли дека го има тоа право само затоа што е маж?!

Ова не е само статистика, не е бројка, не е наслов во црната хроника што ќе ја минеме со леснотија. Секој живот што згаснува поради родовото насилство е живот кој ние, како општество, не успеавме да го заштитиме.

Се прашувам, до кога ќе трае ова? Колку жени треба да бидат убиени за да се разбудиме и да сфатиме дека живееме во земја каде што убиства по род стануваат секојдневие? Во Македонија, секоја година бројот на убиства врз жени расте, додека бројот на осуди и казни останува премал и премногу далечен од правдата која овие жртви ја заслужуваат.

Чувствувам гнев, тага, и беспомошност. Гнев што во 21 век, во една демократија, уште се бориме со елементарни права за живот и сигурност за жените. Тажна сум што жените треба да се плашат за својот живот, што не можат да бидат сигурни ни во својот дом, ни на улицата. Беспомошноста се јавува кога ќе се сетам дека често само зборуваме, но никогаш не преземаме вистински мерки да ги заштитиме жените.

Ова не е само прашање за жените. Ова е прашање за сите нас. Ова се животи што згаснуваат пред нашите очи.