Светот денес е сведок на брза технолошка револуција. Замислете само, пред 120 години светската популација броела малку над еден милијард луѓе, а потрошувачката на различни стоки била минимална во споредба со сегашната. За само еден век, човештвото направи огромен скок, поголем и побрз од кој било претходен период, благодарение на откритијата како вакцините и антибиотиците, индустриската револуција и неверојатниот развој на технологиите.
Додека пред неколку векови технологичко откритие, како на пример печатницата, останувала недостапна за десетици илјади луѓе и години подоцна, денес светот сведочи на многу побрза технолошка револуција. Од магнетофонот и црно-белиот телевизор, брзо напреднавме до концепти за летачки возила и вештачка интелигенција, додека секојдневно користиме предности на многу видови електрични и електронски уреди. Со нив животот ни е полесен и поудобен, тие ни заштедуваат време и труд и станаа неизоставен дел од секој дом, канцеларија или голема администрација.
Меѓутоа, овие уреди имаат ограничен животен циклус, и по неговиот крај треба да се третираат на начин што нема да ја загадува природата. Природата во голема мера е константа, но човештвото продолжува да ја зголемува својата популација и со тоа потрошувачката на различни стоки и производи.
Доколку ова ви звучи како клише, погледнете го вака: секое домаќинство и секој поединец придонесуваат за акумулација на десетици, ако не и стотици електрични и електронски уреди. Замислете го вашето користење на овие уреди, помножено со бројот на луѓе на Земјата, и ќе разберете зошто темата за електронски отпад е важна за сите нас.
За да добиете подобра претстава за обемот на користење на овие уреди, ќе ви помогнат следните податоци:
Во 2021 година, глобално се создадени 57,4 милиони метрички тони електричен отпад.
Азија произведува 24,9 милиони тони, САД – 13,1 милиони тони, а Европа – 12 милиони тони ОЕЕО.
Денес на Земјата има повеќе од 347 милиони тони нерециклиран електронски отпад
Само 17% од создадениот електронски отпад е рециклиран безбедно.
Понатамошни детали:
52,7% од создадениот ОЕЕО се големи домаќински уреди со димензија над 50 см (милиони машини за перење, фрижидери и други).
14,6% се потрошувачки уреди и фотоволтаични панели.
14,1% е од ИТ и телекомуникациска опрема (телефони, таблети, лаптопи).
10,1% се мали домаќински уреди со димензија под 50 см.
Старите електрични уреди содржат опасни материи кои не се биоразградливи – не се распаѓаат на безопасни честички и по илјадници години. Тие не се метален отпад, а при скршени и оставени уреди се испуштаат опасни материи.
Најфрапантното – неправилно третираниот отпад од електрични и електронски уреди придонесува за климатските промени. Во 2019 година, неправилно третирани фрижидери и клима-уреди ослободија јаглеродни емисии кои претставуваат 0,3% од глобалните штетни емисии.
Сепак, ова не значи дека треба да паничиме и да се откажеме од уреди. Потребно е да стекнеме знаење и да го шириме за правилен третман на овие уреди откако ќе престанат да ни служат.
Н. Доковска