Интерпелација за резил: Државата како циркус на интелектуално понижување

0
18

Пишува: Наташа Доковска

Интерпелацијата, по својата суштина, е демократски инструмент кој треба да служи за држење на функционерите одговорни за нивната работа. Тоа е можност пратениците да покренат дискусија за работата на носителите на јавни функции, да ги анализираат нивните постапки и да бараат отчетност. Но, во македонскиот парламент, оваа алатка одамна ја изгуби својата суштина и се претвори во евтина политичка театарска претстава.

Кога пратеник и претседател на Комисијата за социјална политика, како што е случајот со Илире Даути, ќе биде предмет на интерпелација, би требало да се праша дали истата има вистинска тежина или само служи како козметички потег за смирување на јавноста. А уште полошо, доколку се изгласа интерпелацијата, а притоа не следуваат никакви последици – како што е нејзиното останување на позицијата претседател на Комисијата за социјална политика – тогаш прашањето е зошто воопшто се игра оваа фарса?

Ова не е демократија. Ова е навреда на интелигенцијата на граѓаните, кои со години гледаат како институциите стануваат сцена за политички пазарења и лични интереси. Кога изреката „сите се исти“ станува секојдневие, кога одговорноста е празна фраза, а институциите се само реквизити за шоуто на моќниците, тогаш зборуваме за длабока ерозија на довербата и системски цинизам.

Дали народните избраници ја разбираат тежината на нивната улога? Или парламентот за нив е само арената каде што се договараат лични профити, додека граѓаните трпат последици?

Македонија одамна ја премина линијата на толеранција кон оваа институционална апатија. Време е за граѓански притисок кој ќе го врати значењето на интерпелацијата – како механизам за одговорност, а не како алатка за политички трикови. Или ќе станеме држава со сериозни институции, или ќе продолжиме да тонеме во циркусот што безмилосно ја навредува секоја трага на разум во ова општество.