Ирански суд го осуди популарниот пејач Амир Хосеин Магсулу (37), познат како Таталу, на смртна казна поради богохулство, објавија денес локалните ирански медиуми.
Врховниот суд ја прифати жалбата на обвинителот – на претходната петгодишна затворска казна за кривични дела кои вклучуваат богохулство, објави реформскиот весник „Етемад“, а пренесе „Гардијан“. Наведено е дека случајот против иранскиот пејач „повторно е отворен“, а дека тој „овој пат е осуден на смрт поради навреда на пророкот“ Мухамед. Во извештајот се додава дека пресудата не е конечна и дека сѐ уште може да биде обжалена.
Амир Хосеин Магсулу живеел во Истанбул од 2018 година, пред турската полиција да го предаде на Иран во декември 2023 година, од кога се наоѓа во притвор во таа земја. Таталу исто така е осуден на 10 години затвор поради промовирање „проституција“, а во други случаи е обвинет за ширење „пропаганда“ против Иран и објавување „непристоен содржина“.
Тетовираниот пејач, кој е познат по комбинирањето на рап, поп и R&B, претходно беше поддржуван од конзервативните ирански политичари, кои сметаа дека преку него можат да допрат до младите, либерално ориентирани Иранци, наведува „Гардијан“. Во телевизиска емисија во 2017 година тој се појави заедно со ултраконзервативниот ирански претседател Ебрахим Раиси, кој подоцна загина во хеликоптерска несреќа.
Таталу во 2015 година објави песна како поддршка на иранската нуклеарна програма, која беше разоткриена во 2018 година, за време на првиот мандат на претседателот на САД, Доналд Трамп.
А.Н.