66 лица загинаа во пожар во скијачки центар во Турција

0
13

Како што јавуваат турските медиуми и социјалните мрежи, во раните утрински часови избувнал пожар во хотелот Гранд Картал, сместен во скијачкиот центар Карталкаја во провинцијата Болу, северозападна Турција. Според официјалните извештаи, загинаа најмалку 66 лица, а 51 се повредени, од кои еден е во критична состојба.

Пожарот започнал околу 3:30 часот по локално време во ресторанскиот дел на 12-катниот хотел, кој во тој момент бил преполн со гости поради почетокот на двонеделниот училишен распуст. Во хотелот престојувале 234 гости.

Сведоци изјавиле дека густ чад и неисправни противпожарни аларми го отежнале бегството на гостите. Некои од нив се обиделе да се спасат врзувајќи чаршафи за да се спуштат од прозорците, додека најмалку две лица загинале при скок од зградата во паника.

Дрвената фасада на хотелот придонела за брзото ширење на огнот, а локацијата на хотелот на карпа дополнително ги отежнала напорите за гаснење. Повеќе од 250 припадници на итните служби биле ангажирани во интервенцијата.

Турските власти назначиле шест обвинители за истрага на причините за пожарот, а претседателот Реџеп Таип Ердоган изрази сочувство до семејствата на загинатите и вети дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Ф.С.