Трагедиите како пожарот во Кочани, кои завршуваат со тешки изгореници и загубени животи, ја покажуваат суровата реалност во Македонија: во нашата држава нема специјализиран центар за третман на изгореници. Жртвите на пожари и тешки повреди со изгореници се принудени да бараат лекување во странство, што значи изгубено драгоцено време, огромни финансиски трошоци и неизвесност за нивниот опстанок.
А, само колку за потсетување првиот официјален Центар за изгореници е формиран со формирањето на Воената болница во Скопје, под раководство на Полковник д-р.Крсте Митановски д-р.сци.мед.. Центарот е затворен за да се ослободи простор за приватната Кардиохирургија ,,Жан Митрев”.
Изградбата на модерен центар за изгореници во Македонија би чинела од 5 до 15 милиони евра, зависно од капацитетот, опремата и инфраструктурата. За споредба, во други земји:
- Во САД, изградбата на центар со 20-30 кревети чини меѓу 10 и 20 милиони долари.
- Во Европа, трошоците се движат од 8 до 15 милиони евра.
- Во Индија, ваков центар може да се изгради за 3 до 5 милиони долари, поради пониските градежни и медицински трошоци.
Но, овој трошок е еднаш – додека, на годишно ниво, Македонија троши милиони евра за лекување на пациенти со изгореници во странство. Долгорочно, државата би заштедила, а истовремено би обезбедила подобра здравствена заштита за своите граѓани.
Зошто нема пари за ваков центар, а има за луксузни автомобили?
Државните институции, општините и јавните претпријатија трошат милиони евра на набавка на скапи автомобили, додека основните здравствени потреби се игнорираат. Само еден службен автомобил од 80.000 – 100.000 евра може да се искористи за набавка на животоспасувачка опрема во болниците. Само за потсетување општините недоамна се подновија со нови автомобили за кои искешираа 8.54 милиони евра. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, 269 нови патнички возила набавиле државните институции во последните две години, оваа инвестиција институциите ги чинела 8,54 милиони евра.
Ако се земе предвид дека секоја година државните институции купуваат десетици луксузни автомобили, јасно е дека приоритетите се поставени погрешно. Доколку само дел од овие пари се пренаменат, Македонија би можела да изгради сопствен центар за изгореници, наместо да ги испраќа своите граѓани во странство.
Колку уште луѓе треба да загинат за да сфатиме дека ни е потребен ваков центар? Трагедиите како онаа во Кочани не смеат да се заборават – тие треба да бидат повик за итна акција. Македонија може и мора да инвестира во здравствени капацитети, а не во луксузни привилегии за функционерите.
Прашањето не е дали имаме пари – туку каде ги трошиме.
Н. Доковска





