дома Живот Социјална политика Менструацијата не е луксуз – зошто боли двојно во сиромаштија?

Менструацијата не е луксуз – зошто боли двојно во сиромаштија?

0
143

Пишува: Наташа Доковска

Во долината на заборавеното, каде што возот одамна не застанува, а интернетот доаѓа како случаен гостин, се наоѓа селото Извор. Место каде што деновите се мерат со изминати автобуси и саботни пазари, а ќерките се учат да бидат невидливи кога страдаат.

Сара има 13 години и е многу тивка. Живее со мајка си Јасна и малото братче Бобан. Татко ѝ си замина кога таа имала 8. Оттогаш, мајка ѝ е претворена во машина за преживување – пере за соседи, бере вишни во сезоната, чисти по куќи кога има кој да плати. Сара е најдобрата ученичка во класот. Но денот кога го доби првиот циклус не го памети по радоста што веќе станува девојка. Туку по стравот – дека нема ништо за да се заштити. Таа иако сеуште мала се сеќава на тој ден како да било вчера. И раскажува дека по погледот во очите на мајка ѝ и го добила одговорот кој повеќе ја болел од грчевите во стомакот:
– Ќерко, извини… ќе се снајдеме, ама не сега.

За своето прво искуство со менструацијата таа раскажува: „Завиткав парче хартија, ја променив три пати во тоалетот, и не станав од столчето на училиште до 14:10. Ја гризев устата да не пуштам солза.„

Нејзината мајка, пак, вечерта, си ја скинала последната ноќница, ја поделила на парчиња и и сошила импровизирани влошки.

На другата страна на периферијата на Скопје, пак, во населба без асфалт и со улички полни со кал, Билјана учи во смени и се грижи за трите помали братчиња кога мајка ѝ Славица е на работа. Славица чисти по станбени згради во Центар. Кога Билјана добила менструација, се плашела да ѝ каже на мајка и. Не сакала да биде уште една грижа плус. Наместо тоа, изела три лимони и седнала да чита на интернет како да ја одложи менструацијата. Но, не и успеало!. Како што таа срамежливо раскажува, кога почнала да крвари, се обидела да користи тоалетна хартија, но таа се распаѓала. На крајот, зела стара маица на татко ѝ, ја исекла и ја врзала со конец. Како што самата раскажува, си се тешела и постојано си велела:

– Ќе помине. Само да не се види. Само никој да не знае.

За неа дополнителна грижа била и тоа што во нивниот училишен тоалет нема врати. Учителките немаат време ни да слушнат, ни да забележат. Децата шепотат: „Ќе се смеат ако имаш флека.“

Марија, тивка, висока и светлокоса, живее со баба ѝ откако мајка ѝ заминала да работи во Германија. Баба Ката е жена од друго време. „Женско трпи“, вели. Кога Марија добила менструација, се измила во легенчето, ја сокрила крпата и од срам ништо не кажала. „Внатре, плачеше. Надвор, се смееше. Сите девојчиња во селото се креваа ноќе да го перат „срамот“ додека семејството спие – раскажува баба Ката.

Еднаш, Сара се онесвестила на час. Нема доволно железо, велел докторот. Но, никој не ја прашал зошто толку често крвари и зошто не оди на лекар. Мајка ѝ не можела да си дозволи преглед. А таа само тивко вели:
– Немам што да носам за тоа време во месецот.

Мајките – Јасна, Славица и баба Ката – секоја со својата болка. Јасна чека плата за да ѝ купи влошки на Сара. Славица се чувствува виновно што ќерка ѝ мора да бира меѓу достоинство и храна. Баба Ката не знае како да зборува за телото, затоа што никој со неа не зборувал.

И додека девојките и нивните мајки се соочуваат со менструалната сиромаштија, училиштата мака мачат да им обезбедат пристојни услови за управување со менструалната хигиена.

Само колку за илустрација повече од 80 отсто од девојчињата во рурална средина и 70 отсто до уленичките во урбана средина отсуствуваат од училиште за време на периодот. Кои поради неможност да купат средства за управување со менструални производи, кои поради несоодветни услови во училиштето, велат податоците со кои располагаат во НВО Новинари за човекови права. Според нив загрижувачки е и податокот дека менструалната сиромаштија зема се поголем замав и дека повеќе од 20 отсто од жените неможат да обезбедат континурана употреба на влошки.

Александра Радевска од Новинари за човекови права објаснува дека тие досега реновирале повеќе училишни тоалети и поделиле поголема количина влошки, но дека тоа не е доволно. Државата, односно Министерството за образование е на потег и треба да донесе законза бесплатни пакети влошки за сите девојчиња во основните и средните училишта. Според Радевска, доколку основното и средното образование се обавезни, тогаш државата мора да обезбеди бесплатни влошки.

Сепак, нешто почна да се менува. Девојчињата почнаа да зборуваат. Една по една. Се раѓа сестринство, онаму каде што претходно имаше само срам.

Менструалната сиромаштија во Македонија не е статистика – тоа е секојдневна реалност за стотици девојчиња и нивните мајки. Кога влошките стануваат луксуз, кога нема врата на училишниот тоалет, кога срамот е поголем од болката – тогаш зборуваме за длабока нееднаквост која ја загрозува нивната хигиена, здравје, достоинство и образование.

Не е „така било отсекогаш“. Може и мора поинаку.

Менструацијата не смее да биде трошок. Таа е живот. И ако како општество не ја препознаеме менструацијата како прашање на човечки права, тогаш сме крваво виновни.