Додека родителите внимателно ги избираат првите алишта, козметика и играчки за своите бебиња, малкумина се свесни дека новороденчињата доаѓаат на свет во средина во која постојат повеќе од 350.000 синтетички хемикалии. Уште позагрижувачки е фактот што помалку од пет проценти од нив се целосно тестирани за нивното влијание врз здравјето на луѓето.
По повод Зелениот ден за бебињата (Green Baby Day), бројни организации ширум светот ја испраќаат пораката „Не врз нашите бебиња“ (#NotOnOurBabies), барајќи поголема заштита на најмладите, поголема транспарентност за состојките во производите и построги регулативи за хемикалиите кои секојдневно ги користиме. Кај нас кампањата ја води Новинари за човекови права, кои при тестирање на PFAS детски пелени најдоа траги од вечните хемикалии…
Научните истражувања покажуваат дека изложеноста на одредени хемикалии не започнува по раѓањето, туку уште за време на бременоста. Одредени супстанции можат да преминат преку плацентата и да стигнат до плодот во развој. По раѓањето, изложеноста продолжува преку воздухот, водата, храната, облеката, играчките, производите за лична хигиена и средствата за чистење во домот.
Особено ранливи се бебињата и малите деца бидејќи нивниот организам сè уште се развива, а имунолошкиот и хормоналниот систем се почувствителни на штетните влијанија од околината.
Што содржат производите за бебиња?
Иако голем дел од производите за бебиња се рекламираат како безбедни, во некои од нив може да се најдат мириси, конзерванси, пластификатори и други хемиски супстанции за кои сè уште не се познати сите долгорочни последици. Експертите предупредуваат дека комбинацијата од повеќе хемикалии може да создаде дополнителни ризици кои ретко се земаат предвид при проценката на безбедноста.
Поради тоа, родителите честопати се оставени сами да се снаоѓаат меѓу декларации, маркетиншки пораки и нецелосни информации за производите што ги купуваат.
Активистите и здравствените организации бараат производителите да бидат обврзани да докажат дека нивните производи се безбедни пред да стигнат на пазарот, наместо товарот на докажување да паѓа врз потрошувачите и научниците по појавата на потенцијални штети.
Тие повикуваат на построга контрола на хемикалиите во производите за бебиња и деца; целосна транспарентност за состојките; забрана на супстанциите за кои постојат сомнежи дека можат да влијаат врз развојот на децата; поголеми инвестиции во независни научни истражувања.
Секое бебе заслужува безбеден почеток
Пораката на годинашниот Зелен ден за бебињата е едноставна: ниту едно семејство не треба само да се бори со ризиците од штетните хемикалии. Одговорноста за безбедноста треба да ја носат институциите и производителите, а не родителите кои сакаат само едно – нивните деца да растат здраво и безбедно.
Затоа иницијативата „Не врз нашите бебиња“ повикува на заедничка акција за создавање средина во која секое дете ќе има право на најбезбеден можен почеток во животот.
Н.Доковска

