„Бритиш американ тобако“, производител на цигарите „Данхил“ и „Лаки Страјк“, во средата соопшти дека нејговиот биотехнички оддел работи на потенцијална вакцина против Ковид-19 користејќи протеини извлечени од лисјата од тутун.
„Кентаки БиоПросесинг“ (КБП), одделот што ја развива вакцината, би можел да произведе помеѓу 1-3 милиони дози неделно, почнувајќи од јуни, соопшти компанијата, со помош на владини агенции и производители.
„Бритиш американ тобако“ (БАТ) соопшти дека КБП, гранка на американската единица на БАТ – „Рејнолдс Американ инк“, ќе ја развие вакцината на непрофитна основа.
Вакцината која во моментот е во претклинички студии, користи клониран дел од генетската секвенца на Ковид-19 за да создаде антиген кој потоа се вметнува во тутунските билки за репродукција.
Откако ќе се соберат, антигените – супстанции кои предизвикуваат имунолошки одговор во организмот – се извлекуваат, прочистуваат и се уфрлаат во телото за борба против вирусот, велат од компанијата.
Од таму додаваат дека препаратот што се развива е стабилен на собна температура, за разлика од конвенционалните вакцини за кои често е потребно ладење.
КБП се најде на насловните страни пред неколку години кога соопшти дека произведува ефикасен лек против ебола наречен „ЗМап“ заедно со калифорниската компанија „Мап биофармацеутикалс“.
Лекот чека одобрение од Американската управа за храна и лекови.
-Веруваме дека направивме значаен чекор напред со нашата технолошка платформа за производство на тутун и подготвени сме да работиме со владите и сите вклучени за да го победиме Ковид-19 – истакна Дејвид О’Рајли, шеф на научни истражувања на БАТ.
БАТ соопшти дека соработува со Американската управа за храна и лекови на следните чекори, како и со здравствените власти во Велика Британија, за што е можно поскоро да започнат клиничките испитувања на нивната вакцината. А.Р.