вторник, јули 16, 2024
дома„Ана Каренина“-Две и полчасовна сензационална романтична трагедија од високото царско општество

„Ана Каренина“-Две и полчасовна сензационална романтична трагедија од високото царско општество

Толстоевата херона Ана Каренина од истоимениот роман, вчеравечер беше поставена на фестивалот „Охридско лето“ преку претставата на Театарот „Ujvideki Szinhaz” од Нови Сад, Србија, а во режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски.
Две и полчасовната игра на сцената ја долови страсната и несреќна љубов помеѓу Ана Каренина и Алексеј Вронски, проблемите во бракот и семејниот живот, и воопшто општествено-економските односи во Русија во 19 век.
-Нашата Ана Каренина е една жена – всушност, не е важно дали е жена или маж – човек кој сака да биде среќен. Преку нејзиниот лик отвораме многу врати и се занимаваме со тоа што всушност значи љубовта, колку човекот е подготвен да се жртвува, колку е подготвен да се надмине себеси, своите стравови, за да ја пронајде смислата на своето постоење. Во оваа смисла, Ана Каренина во нашата претстава е сложен систем; и таа, но и сите други ликови – Каренин, Вронски, Левин, Кити – имаат своја приказна, борба. Така, оваа претстава покажува дека црното никогаш не е целосно црно, белото никогаш не е целосно бело, дека всушност има многу нијанси внатре и дека тоа е всушност нашиот живот, вели режисерот Дејан Пројковски.
Ликот на Ана Каренина го играше актерката Береш Марта која на сцената во Ценатрот за култура „Григор Прличев“ покажа одлична актерска игра.
-Никогаш не сум имала желба да играм мрачни ликови, но Ана Каренина беше нешто со што се сретнав уште во средношколските денови. Кога ја читав лектирата во гимназија, ја читав одново и одново. Секогаш беше покрај мојот кревет и толку многу ме маѓепса со својата слоевитост и вистинитост. Долгиот пат на мојата љубов кон оваа книга дојде и до изведба на ликот на Ана. Значи овој материјал во мене живее од мојата 17-та година. Сега имам 40 години, но и чувство дека на оваа улога работам повеќе од 20 години, вели Береш Марта.
Соработката со режисерот Пројковски доведе и до тоа, актерот Арпад Месарош исто така да посака да го игра ликот на Алексеј Вронски.
-До 2019 година кога започнавме да го работиме овој проект, немав желба да го играм ликот на Вронски зашто кога и да го видев на филм или на некоја друга претстава, ми изгледаше убавец кој е здодевен на некој начин. Потоа режисерот Пројковски беше за тоа да направиме малку поекстремен и поексцентричен лик. Одевме во крајности. Да, тој е таков каков што е напишан, но какви работи прави тој и на каков начин, до кои крајности оди во чувствата. Токму во таа насока го базиравме ликот на Вронски и така тој ми стана многу интересен . Дополнително и со партнерката на сцена многу добро соработувавме, вели Месарош.
Претставата „Ана Каренина“ во изведба на новосадските актери досега има добиено триесеттина награди на театарските фестивали.
-Оваа претстава е многу популарна и секогаш носи преполни гледалишта и покрај тешката тема. Досега има собрано 30-тина награди. Мене ми е посебно задоволство што ја носиме во родната земја на режисерот, вели уметничкиот директор на фестивалот, Роберт Ленард .
„Ана Каренина“ е првата соработка на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски со овој новосадски театар. Од минатата година, Пројковски има нова театарска претстава со актерите од „Ujvideki Szinhaz”, „Ричард Трети“ од Шекспир, која веќе ги собира театарските награди на фестивалите во регионот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ