Туристите кои сакаат да земат школки, камчиња или песок од француските плажи како спомен ризикуваат висока казна. Иако собирањето неколку школки или една рака песок може да им изгледа како безопасна навика за одмор на многумина, во Франција таков потег може да резултира со казна до 1.500 евра.
Причината за забраната не е само да се зачува изгледот на плажите, туку и да се заштити целиот крајбрежен екосистем, пишува хрватски „Индекс“.
Француските еколошки прописи го ограничуваат изнесувањето на природни материјали од брегот, вклучувајќи песок, школки и камчиња. Властите предупредуваат дека ваквите практики можат да придонесат за ерозија на плажите и да ја нарушат природната рамнотежа.
Школките не се само декорација што останува на брегот, туку можат да послужат и како засолниште за помали морски организми. Камчињата и песокот играат важна улога и во стабилноста на плажите и заштитата на брегот од ефектите на морето.
Во зависност од околностите и количината на отстранет материјал, оние што ги прекршуваат правилата можат да бидат казнети до 1.500 евра.
Франција има повеќе од 5.500 километри крајбрежна линија и илјадници плажи долж Ламанш, Атлантскиот Океан и Средоземното Море. Бидејќи крајбрежните области ги посетуваат милиони туристи секоја година, дури и малите количини материјал земен од поединци можат да имаат поголемо влијание со текот на времето.
Еколозите предупредуваат дека земањето „само рака песок“ или неколку школки можеби не изгледа проблематично, но последиците стануваат видливи кога голем број посетители го прават истото.
Европската агенција за животна средина со години предупредува за ерозијата на европските крајбрежни линии, предизвикана од природни процеси, но и од човечки активности.
Франција е една од најпосетуваните туристички земји во светот, а дестинации како што се Француската ривиера, Нормандија и атлантскиот брег се особено популарни. Затоа властите ги повикуваат посетителите да ги остават плажите онакви какви што ги пронашле. Тие препорачуваат фотографирање како сувенир од одморот, наместо природни „сувенири“ што можат да ѝ наштетат на животната средина.
И британското Министерство за надворешни работи, ги предупредува патниците да ги проверат локалните прописи пред да патуваат во друга земја, бидејќи дури и навидум безопасните дејствија можат да бидат казниви ако ги прекршат законите за животна средина.



