четврток, април 25, 2024
домаЏон Малкович: „Исповеди на сериски убиец“ – секогаш актуелна претстава бидејќи насилството...

Џон Малкович: „Исповеди на сериски убиец“ – секогаш актуелна претстава бидејќи насилството го има и ќе го има меѓу нас

„Ја сакам оваа претстава бидејќи на некој начин ги поврзува и театарот и класиката и глумата и е нешто иновативно што ја привлекува публиката. Секогаш ќе биде актуелна бидејќи насилството отсекогаш го имало и ќе го има меѓу нас“.
Вака славниот актер Џон Малкович на денешната прес-конференција ја најави претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ со која утревечер на Античкиот театар во Охрид, во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе приреди незаборавно сценско уживање.
-Вистината на сцената дава една посебна реалност која всушност ни ја нуди животот. Кога претставувате некаков карактер на таа сцена имате многу мал дел од времето да претставите начин на кој тој опстојува и живее. И токму заради тоа се обидувате што поцелосно и повистинито да го претставите тој карактер на театарската сцена. Претставата ја напиша Михаел Штурмингер на мое барање и на барање на диригентот Мартин Хазелблок. Се сретнавме со Мартин и ја започнавме соработката со оркестарот на Виенската филхармонија, изјави Малкович.
Малкович првпат доаѓа во Македонија, но како што рече, добро му се познати поранешните југословенски републики, Хрватска, Србија и Црна Гора каде што работел.
– Во Македонија пристигнав вчера попладне и не можам да кажам ништо повеќе од тоа дека е прекрасна земја, рече тој.
Министерката за култура на Република Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска посакувајќи му да ужива во природните убавини, во одличната македонска храна и да се запознае со нашето културно-историско наследство, нагласи дека е вистинска реткост да се има актер, режисер и продуцент како Џон Малкович.
-Ми причинува задоволство што по гостувањата на светски познатиот композитор Енио Мориконе, неповторливиот Хозе Карерас, славната Џеси Норман, маестро Зубун Мехта, белгискиот челист Миша Мајски, славниот диригент и композитор Кшиштов Пендерецки, Елена Мошуц, Иво Погорелиќ, Стефан Миленковиќ и ред други славни имиња, и американскиот актер Џон Малкович ќе влезе во низата најексклузивни уметници кои настапиле на грандиозната сцена на Античкиот театар. Тој со својата драмска уметничка вредност прикажана во театарската претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ ќе остави траен белег на нашата најеминентна културно-сценска манифестација. Преку своето богато искуство и харизма како исклучителен актер, режисер и продуцент, неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на „Охридско лето“ и на нашата држава, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, кажа дека е голема честа и задоволството да се пречека уметник кој со својата големина ја збогатува фестивалската историја на „Охридско лето“, фестивал кој претставува подиум на кој се обединуваат уметностите од целиот свет.
– Годинешново фестивалско издание ќе остане запаметено по најгламурозната оперска дива, Анџела Георгиу, која приреди незаборавен концерт на Свеченото отворање но и по славниот американскиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович кој првпат настапува во Македонија. Ваквата ексклузивност само ја потврдува големината на „Охридско лето“, фестивал по кој нѐ препознаваат и вреднуваат насекаде во светот. Холивудскиот актер со проектот „Вечер на Џон Малкович“, оценет како најексклузивен гостин на „Охридско лето“, предизвика огромен интерес кај публиката. Токму за овој настан се направени бројни резервации од целиот регион но и од Бразил, Холандија, Франција, САД и многу други земји, рече директорката Поповиќ.
Како што истакна селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ ,Сања Арсовска, оваа претстава својата драматуршка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивности, а тоа се комедијата и психолошката драма.
-Од една страна серискиот убиец со лесна духовитост и луцидност ги нижи настаните од својот живот и ја лови на еден начин публиката во една мрежа од ироничен хумор. И додека публиката мисли дека е заловена во една таква комична атмосфера, на сцената започнува еден вистински пекол придружен со оркестар и силни сопрани, Унтервегер започнува да ги вади демоните од себе кои ја опседуваат сцената. Итаа приниклива игра помеѓу комедија и пекол се провејува низ целата претстава. А за сите силни чувства во претставата е задолжен Џон Малкович еден од најголемите и најбрилјантните актери во времето во коешто живееме а и на сите времиња, рече селекторката Арсовска.
Уникатното и совршено сценско доживување „Вечер на Џон Малкович“ се реализира со поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за култура.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ