среда, јули 24, 2024
домаДуо „Гелебешеви“ – перфекционисти во музичката креација

Дуо „Гелебешеви“ – перфекционисти во музичката креација

За прекрасната музичка вечер на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер се погрижија уметниците од пијано-дуото „Гелебешеви“. Извонредните пијанисти Катерина Костадиновска-Гелебешева и Григор Гелебешев ја воодушевија публиката со внимателно избраниот репертоар и со својот врвен пијанистички артизам.
Според музичката стручна критика, настапите на дуото „Гелебешеви“ се карактеризираат со перфекција во музичката креацијата доловувајќи ги суштинските одлики на композициите од технички, уметнички или стилски аспект,а тоа се потврди и со нивниот вчерашен настап под акустичните сводови на катедралната црква „Света Софија“.
-Возбудата и тремата се присутни пред секој настап. Но овој настап на „Охридско лето“ ми претставува голема чест и задоволство. Вторпат настапуваме на „Охридско лето“ со целовечерна програма, а задоволството е уште поголемо што свириме на убав инструмент во прекрасна акустика и пред убава публика, вели пијанистката Катерина Костадиновска-Гелебешева.
Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници.
-Пред четири години, на овој подиум имавме програма за пијано за четири раце. Оваа година, програмата во првиот дел е за четирирачно пијано, а во вториот дел за две пијана. Беше интересно додека ја подготвуваме, а се надевам дека беше исто толку интересна и за публиката, вели пијанистот Григор Гелебешев.
Двајца истакнати македонски пијанисти кои го делат и приватниот живот, поседуваат богати и разновидни уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина – пијано- дуо „Гелебешеви“. Тие се препознатливи на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за изразито талентирани и врвно подготвени уметници и со своите инспиративни интерпретации умеат да го задржат вниманието и на најпребирливата публика.
-Заедничкиот приватен живот, секако дека е голема предност за вакво музицирање. Разбирањето, почитувањето и заедничкиот живот си носат свои предности и предизвици, додава Костадиновска-Гелебешева.
Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахмањинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век. Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на
познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ