среда, јули 24, 2024
домаФестивалот „Дрим шорт“ ќе донесе 35 филма

Фестивалот „Дрим шорт“ ќе донесе 35 филма

Седмото издание на струшкиот фестивал на кратки филмови (од 14 до 17 август) се фокусира на македонскиот филм и македонските автори, мастеркласата е резервирана за Али Азгари, а „магичната илузија“ ја надополнува групата „Фолтин“

Пишува: Сунчица Уневска

Во понеделник, на 14 август, во Струга во Културниот центар „Браќа Миладиновци“ ќе започне 7. издание на Фестивалот на кратки филмови „Дрим шорт“, кој оваа година во текот на четири дена ќе прикаже повеќе од 35 филма.

„Убавината ќе го спаси светот“

Под мотото „Неопходна убавина“ фестивалот и неговите организатори прават една интересна варијација на онаа позната фраза дека уметноста ќе го спаси светот. „Денеска, кога околу нас видливо недостасуваат едноставност, разбирање и мир, среќни сме што со специјалните мали нешта, наречени кратки филмови, придонесуваме во разубавување на времето во кое живееме или ‘кога светот е во опасност, убавината е таа што ќе го спаси’“, додавајќи дека со седмото издание на фестивалот тие посакуваат „Дрим шорт“ да биде еден од многуте културни блесоци кои ни се потребни.
А кога самите организатори веруваат во тоа и тргнуваат со таква идеја, намера и мисла, не може да биде поинаку, освен со ширење на позитивна енергија и со уметност која поттикнува, која облагородува, која дава смисла. Токму такви се и филмовите што годинава ќе можат да се погледнат на фестивалот, распоредени во 4 натпреварувачки програми, и тоа: Регионална, Интернационална, Студентска, како и програмата „Соочување со минатото“, надополнати со ревијалниот дел „МК спешл“ односно програма во чии рамки ќе бидат прикажани новите македонски филмови и презентирани младите македонски автори.

Восхитувачко кинематографско патување

Соочување со минатото – Раду Зуде
Како што сето тоа на автентичен начин го објаснува и долгогодишниот селектор, Иван Бакрач: „Подгответе се за лични и егзистенцијални наративи, за приказни што ги засилуваат гласовите на маргинализираните поединци и на предизвикувачките морални дилеми. Истражете го заплетканото подрачје на посебни психолошки состојби, вешто испреплетени со хумор. Нурнете во неспоредливото гледиште за историјата и во нијансираното истражување на минатото низ различните и длабоко лични перспективи. Со еден збор, подгответе се за восхитувачко кинематографско патување!“

Инаку, за филмовите во Интернационалната и програмата „Соочување со минатото“ годинава ќе одлучува жирито во состав: Владимир Блажевски, Вардан Тозија и Дениз Абдула, додека за Регионалната и Студентската програма наградите ќе ги доделат: Ивана Шекуткоска, Димитар Димоски и Артан Садику.

Разоткривање на минатото низ филмот

Синиот час на Ана Јакимска
И, се разбира, тоа не е сè, фестивалот не само што успеа да опстои низ годините, туку со секое ново издание сè повеќе се збогатува, па така освен придружните настани, како: работилници, дискусии, мастрекласи, умее да изненади и со навистина многу инспиративни содржини и гости. Годинава една од најинтересните дискусии, која фестивалот ја организира во соработка со Forum Civil Peace Service, е насловена: „Лично патување: Разоткривање на минатото низ филмот“, на која учество ќе земат: Давор Маринковиќ од Србија, Исмар Вејзовиќ од Босна и Херцегодина и Дениса Мици од Косово.

Дискусијата ќе се фокусира на искуствата во текот на пишувањето и снимањето филмови кои се занимаваат со темите на соочување со минатото. Учесниците, всушност, се автори на филмовите што ќе бидат прикажани во годинешната гостинска програма и ќе зборуваат токму за својот личен ангажман во приказната, за пораката која што сакаат да ја споделат и, секако, за своите очекувања за тоа како би требало оваа тема да се третира во уметноста, за да може да ја подигне свеста во заедницата. Инаку, гостинските програми оваа година се организирани во соработка со Сараевскиот филмски фестивал и со „Докуфест“ од Призрен.

Мастеркласа со Али Азгари

Али Азгари
Мастеркласата, пак, на 7. „Дрим шорт“ е резервирана за едно од моментално најинтригантните нови имиња, Али Азгари, кој доаѓа од Иран. Интересно е дека за само 11 години Азгари има освоено повеќе од 200 награди и отидено на сите најзначајни фестивали, и тоа за вкупно 14 филма од кои десет се кратки. Двата негови краткометражни филма, „Повеќе од два часа“ и „Тишина“ беа номинирани за „Златна палма“ во Кан, додека „Бебето“ беше прикажан во конкуренција во Венеција. Исто и неговите долгометражни филмови, дебито „Исчезнување“, „До утре“, како и „Земски стихови“ беа во Торонто, во Венеција, во Берлин и во „Извесен поглед“ во Кан. Во филмовите Азгари, главно, се занимава со луѓето и нивните несигурни животи на општествените маргини во Иран.

Осум македонски филма

Еден тон сладолед на Сандра Ѓоргиева
Инаку, да кажеме дека она што е за фестивалот и, секако, за нас особено значајно е тоа што „Дрим шорт“ оваа година ќе прикаже осум нови македонски кратки филма, и тоа пет во програмата „Македонија спешл“, два во Регионалната и еден во Студентската програма. Веќе првиот ден ќе може да се види филмот „Belles“ на Марија Апчевска во рамките на Специјалната македонска програма, која ќе ги донесе и: „Еден тон сладолед“ на Сандра Ѓоргиева, „4891“ на Ивана Мирчевска, потоа копродукцијата меѓу Македонија и Србија, „Life of a Board“ на Леона Јариќ и „The Script“ на Александра Кардалевска. Додека, во натпреварувачката Регионална програма се вклучени „Синиот час“ на Ана Јакимска и „Досие Иднина“ на Гоце Трајковски, а во Студентската, „Progesteror(n)“ на Тина Величковиќ.

Проширување на Балканската мрежа за краток филм

Radio Freedom Сараевска гостинска програма
„Дрим шорт“ продолжува и со Работилницата за развој на кратки филмови, која се одржува во склоп на Балканската мрежа за краток филм, основана лани во соработка со „Башта фест“ од Србија и „Синема филм фестивал“ од Црна Гора. Годинава се одбрани пет кратки филма кои ќе учествуваат во тие работилници, што се одржуваат на сите три фестивали (во Струга – Fund Ready), но со тоа што од оваа година мрежата се прошири и доби нова димензија со поддршка на грантот на Вишеградската мрежа и со Western Balkans Fond. Имено, Балканската мрежа се прошири и на вишеградската група, остварувајќи партнерство и со фестивали од Полска, Унгарија и Словачка. Така, покрај менторите од Македонија, режисерот Вардан Тозија и продуцентката Ивана Николовска, со учесниците од избраните пет проекти, ќе работат и гости-ментори од Филмскиот фестивал „BuSho“ од Унгарија.

Групата Фолтин настапува на 16 август
Дефинитивно, многу настани за четири фестивалски денови, а тука е и музичката ОФФ програма и уште понекое изненадување, обидувајќи се да создадат вистинска магија, бидејќи „ако филмот е естетска креација, тогаш фестивалот е естетско-тематски собир, кој овозможува многу различни умови својот колективен труд, наречен филм, да го презентираат на исто место, во исто време, создавајќи момент на магична илузија, необјасниво чувство на посебност за публиката и можност за размена на вистински вредности што траат“. Се гледаме во Струга!

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ