Валентина Ѓоргиевска Парго
Гога Поп Георгиевски- музичар, и граѓански активист. Оттука, авторитативно ги искажува своите ставови. Член на бендови од 1998 година. По победата на “Рок Фест” во МКЦ со бендот АК’Л, животот го однел на друга страна од музиката, но не и понастрана од неговите пријатели, кои го посветиле животот на музика.
По долга пауза, благодарение на Трајко Симоновски – Таци, се враќа
како придружен/ритам гитарист во неговиот проект “Лилит”, со кој проект имале многу живи настапи, во Македонија, Косово и во Албанија.
Потоа, на покана на Игор Атанасовски – Харе станува и дел и од трио, Игор Џамбазов, Харе и Гога, и настапуваат речиси во цела Македонија.
Познат е и по тоа што се занимавал и со организација на настани, но како најважни ги издвојува Кока – Кола Саундвејв 1 и 2, турнејата на “Нокаут” во 2011/12 како и дел од организација на нивниот најпознат концерт, на Скопски саем во Метрополис арена.
Негов личен проект беше Friends 2 Friend II – концерт што го организираше во МКЦ во хуманитарнии цели и собраните средства беа донирани на негови колеги чие студио изгоре во зградата на Стара Телевизија – Макотекс.
Веќе година и пол сум е дел од бендот “Педро Хорисонте” , заедно Петар Младеновски и Иво Митковски. Бендот подготвува материјал за албум кој се микса и мастерира во студиото на Дени Крстев.
Направиле и прв деби настап во рамките на фестивалот “Добра Идеја”, а издадоа и прв сингл, кој, како што вели, за жал до сега не е објавен на ниту едно радио и телевизија, иако културно ја испратиле песната до сите медиуми. Вистински повод да поразговараме за нештата.
Читајќи го вашето професионално CV, Вие, Гога, имате доста остварувања како музичар, во смисла на настапи и турнеи, но не сте експониран и како да сте ја одбрале позицијата во сенка!
-Кога почнав да студирам медицина, тоа ми стана приоритет, а музиката остана хоби. Оттука, не ми беше важно дали ќе бидам експониран или неекспониран како артист. Другата перспектива е,
дека одбрав алтернативна музика, а не естрада и популарни правци односно покомерцијални жанрови.
Музичарите овој период го доживуваат некако како пост- апокалиптичен. Нагло се им се пресече, немаа настани, немаа приходи, се сопре, сега како да почнуваат одново. Како го поминавте вие периодот на карантинот и потоа?
-Лично имав премногу проблеми со мојата постојана работа која исто беше погодена со кризата. Сепак таму обезбедував плата- нешто кое немаа можност музичарите да го постигнат веќе шест месеци. Протоколите, одлуките околу организацијата на настани се “строги”, би кажал импулсивно донесени. Тврдам дека истите се донесени врз база само на одлуки на Министерството за здравство, но не и на совети од Министерството за економија, туризам и култура. Имено, тука гледам дисфункција која не верувам дека ќе го надополни и така сиромашниот буџет на артистите.
Години наназад свиревте по локали и клубови со значајни имиња од сцената. Како се вклопија тие музички комбинации, Џамбазов, Харе Гуру, Пеце “Суперхикс”?
-Клучен лик беше Таци. Тој ме запозна со Харе, а Харе со Џамбазов. Со Пеце се знаевме многу одамна и од алтернативната музичка сцена, поточно МКЦ, но и од неговиот некогашен клуб
“Кастро”. Разликата е во тоа што со “Лилит” , бендот на Таци, исто како и со “Гуру Харе” , бендот на Харе, свиревме претежно музика направена од Таци соодветно од Харе и Џамбазов. Со Пеце, свириме музика која генерално заедно ја правиме јас, тој и Иво (тапанарот).
Но, чинам македонската авторска музика сосила се притиска да замре. Нашите музичари немаат шанси да настапат со свој репертоар во клубовите, самите газди не им дозволуваат. Малкумина се тие славни со свои песни, па и тие немаат доволно свои хитови и мора за свирка да “позајмуваат” туѓи.
– И во странство постојат таканаречени кавер бендови кои свират туѓа музика. Дури постојат бендови кои плаќаат специјални авторски права за да можат да изгледаат и звучат скоро идентично на оригиналот. Скопје беше главен град во Македонија за кавер бендови популарно наречени – тезги. Бидејќи не сме многу како народ, оние луѓе и свирачи и публика, се знаеме горе-долу, па така многу често тој „тезга„ бенд знаеше да отсвири и по нешто авторско. Проблемот на „немање доволно песни„ не е врзан со авторите и бендовите, ниту е врзан со сцената. Јас знаејќи многу луѓе кои се занимаваат со музика тврдам дека има не само песни, туку албуми и албуми кои лежат заборавени во студијата од други причини.
Тука, ајде да се осврнеме и на културната политика на градот, и на државата од која искрено согледувам дека ќар со години наназад имаат само мал број на музичари. И никако да се смени. Напати се добива впечаток дека секоја културна институција има свои пулени, и не се влегува лесно во тие шеми. Како малку да се промени тоа модел на функционирање, односно повеќе закочување? Има веќе нагласена потреба од нешто како нова самоорганизација и активно барање на своите права?
-Полека допираме до суштината. Нас, мене, не ми смета што постојат артисти кои полесно го наоѓаат патот до парите односно се реализираат. Лудо би било да кажам и да критикувам нешто што мене лично не ми се допаѓа, а е туѓа гордост како музички израз бидејќи – за вкусови не се дискутира. Со “вашарот” кој се создаде по институциите премногу личен интерес е инволвиран во уметноста каде нема место за таков пристап, а механизмите кои постојат, а се во насока на создавање или популаризација на културните вредности, многу често се гледаат како отскочна штица за лично богатење – не за оставање вистински белег во културата. И да, ваквиот краткоглед пристап, бара реорганизација или организација на артистите во нови здруженија или реформирање на старите.
Гледаме и самите, се беше без национален концепт, очигледно, особено последнава деценија. Нешто што нема никаде на друго место- пивофести, питијади, прескапи гостувања, преголеми хонорари за надворешни музичари, под изговор дека публика ги сака, а државата наша мора да ги плати. Се одлеаја огромни средства и пак немаше некое задоволство. Го делите моето мислење?
-Секако дека го делам Вашето мислење. Сепак за да објасниме треба некој транспарентно да ги покаже средствата кои беа одвојувани за Култура, поточно музика од една страна и реализираните проекти од друга страна. Вака ќе се видат резултатите. Како и претходно, одлуките кои се донесуваа во насока на музиката односно културата беа импулсивни и се донесуваа за да се задоволи една мала група луѓе наместо тоа да биде Национална долгорочна стратегија која ќе важи за сите. Дефинитивно причините за ваквиот статус на музиката во Македонија не се немање пари, немање услови, немање автори – напротив немање на систем.
Здружение на музичари, функционално, објективно ни тоа нема. Има неколку силни продуцентски куќи, од кои некои се и прилично затворени во својата работа и неколку манифестации. Што им останува на “невклопените” музичари?
– Прво, нема многу функционални Здруженија на музичари. Оние кои функционираат се како што и Вие рековте од некој затворен тип. Вториот проблем е што истите се основани од музичари.
Можеби звучи смешно, но сериозно здружение под својата капа треба да има правници, економисти, менаџери и слично. Не можете од еден одличен музичар да барате да свири одлично, да биде добар адвокат, добар менаџер и да го “бутка” бендот или проектот низ сите бирократски лавиринти. Продуцентски куќи има. И тоа има малку, она што нема се промотери.
А, можеби и не е толку опасна затвореноста на институциите, колку што е на медиумите, за да не дознаеме пошироко за многу квалитетни луѓе и уметници потенцијално креативни музичари. Еве, самиот велите дека Вашата нова песна никаде по медиуми ја нема. Се согласувате?
-Медиумите се фокусираа на дневно – политички проблеми, жолт печат и таблоиди и едноставно изгубија интерес за македонската музика. Порано, им пополнувавме програма во доцните вечерни часови, или рано наутро кога таргетот е повозрасна популација. Сега веќе ни тоа, затоа што подобра гледаност имаат доколку пуштат реприза на сапунска серија или десетинна пати повторат некој странски хит. Од друга страна со проширувањето на програмските пакети нашата сцена многу брзо требаше да се изедначи со странската. Лошата односно немањето стратегија во овој дел направи дупка од десетици години.
ОК. И поотворено ќе ве прашам, сметате ли дека има луѓе или мрежа, против кои навистина треба организирано да се реагира , зошто работата против интересите на македонската музика и македонските музичари?
-Видете не го гледам ова како борба против некого. Сите треба да сфатат дека имаме заедничка борба односно правење на систем кој ќе овозможи ревитализација на македонската музика, а потоа систем кој ќе овозможи нејзина промоција. Овие две спреги се многу важни, затоа што само на тој начин едното ќе овозможи продукција, а другото пазар за музиката која се создава или не се создава во моментов.
Скопскиот ноќен градски живот е уште една гор(ч) лива тема, посебно за оние кои го искусија на времето со сиот вкус на деликатес. Како да се направи нешто барем приближно слично, како размислувате во однос на таа тема?
-Од по ослободувањето 45-та до некаде 2005 година ние успешно се носевме со светот како жанровски така и по квалитет. Посвежи примери за ова се фактите дека електронската музика
дојде во скопските клубови во исто време, па имавме и клуб кој беше оценет како еден од најдобрите во Европа – “Колосеум” . И сега, кога веќе нема медиуми, кога веќе нема клубови, кој би
имал мотивација во ваков временски вакуум да биде промотер? За да биде промотер, треба да има свој медиум преку кој ќе промовира македонска музика години и години, за еден ден тие артисти можат да направат рентабилен концерт и да бидат онака популарни како што заслужуваат, а од тоа промотерите и менаџерите да имаат некаква корист.
Патувавте и со Џамбазов, доста популарен секаде, но и најпознатите музичари знаат да се жалат. Забележавте ли разлика, ете да речеме дали барем музичари од таков ранг имаат доволно поддршка од медиумите и институциите, ако веќе немаат доволно почетниците?
-Не. Убав пример е Игор. Игор не е популарен за тоа што нешто напраил вчера или пред десет години. Игор е популарен затоа што прави и направил дваесет и пет, триесет години. Игор бил популарен од неговото детство до денес, а денес има бендови/луѓе кои популарноста во државава допрва што ја стекнуваат, а можеби и никогаш нема да ја стекнат. Неетички ми е малце да коментирам во име на Игор, но мислам дека и него да го прашате ќе се согласи со тврдењето дека никој не е поштеден или привилегиран во оваа ситуација. Единствен инстант хит беше „Не сум твој тип„ на Дупер нешто што ретко се случува и на светската музичка сцена па како пандан би ја земал Били Ајлиш. Ова се ретки, ретки примери на инстант успех.
На крај, интересно е да го споделите со нас, се разбира доколку сакате, чиј хонорар од дојденците најсилно ве” пецна на плускавец”?
-Воспитан сум во духот на братството и единството. За жал тука не гледам ни братство ни единство туку гледам голема неправда. Просто низ асоцијативен пример: Пратениците си доделуваат
апанажи и патни трошоци – законски. Тоа е правилно бидејќи е законски, а дали е праведно?! Ако нема систем – ќе го отсвириме. Дај Боже да има „публика” да слушне. И крајниот одговор е: Да, преку здружување ќе го направиме. Значително високи се хонорарите на колегите од Србија на пример. Не им завидувам да не ме разберете погрешно. Едноставно не ми е драго кога некој свирејќи на иста сцена со македонски музичари зема скоро сто илјади евра, а македонските артисти се платени со износи од 10% или помалку.
И сосема за крај, на кој начин го реализиравте својот неискористен креативен потенцијал досега создававте музика за да биде достапна еден ден кога ќе се отвори полето, што ќе следува во иднина?
-Моментално работиме на музиката на бендот “Педро Хорисонте”. Тоа состав во кој членуваат Петар Младеновски, Иво Митковски и јас. Работам и на друга музика која можеби никогаш нема да најде вистински пат до македонскиот етер, но ја фокусирам кон други пазари односно Европа. Материјалот „за тука„ сами си го финансираме и во одреден момент кога ќе биде се подготвено ќе го
пуштиме. Дали истиот ќе најде место на програмата на македонските радија и телевизии – мислам дека нема. Дали ќе стане некоја песна хит – исто мислам дека многу тешко. Затоа ни мотивацијата не ми е во издавање на материјал туку во создавање.
Фотографии: Кристијан Теодоров и Борис Маус Јосифовски