понеделник, јуни 17, 2024
домаКостадиновска-Стојчевска: Исполнето е ветувањето, НУ Џез оркестар добива посебна адреса и простор

Костадиновска-Стојчевска: Исполнето е ветувањето, НУ Џез оркестар добива посебна адреса и простор

„Новоформираната Национална установа Џез оркестар, со одлука на Владата, ќе има нова, трајна адреса – во зграда бр.1, влез 1, на бул.„Гоце Делчев“ бр.4, на Катастарска парцела бр. 9505/1, Катастарска општина Центар 1, со Имотен лист бр. 40986“, информираше на денешната прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа појасни дека станува збор за простор од 475м2 со трајно користење на Министерство за култура и кој е дел од вкупниот простор од 1448 м2 под Националната опера и балет, за чие соодветно реновирање веќе има и проект и се обезбедени средства.

Според Костадиновска-Стојчевска по заокружување на целиот процес, Владата, на денешната седница, донесе одлука овој простор да ѝ припадне на Националната установа Џез оркестар и на тој начин најдобро да го искористи и да го сочува државниот имот. Таа додаде дека иако се работи за државен имот, потребно беше време за комплетирање на документацијата, запазување на сите законски постапки и изготвување на проект за реконструкција и адаптација на просторот, а сето се беше разгледувано и на неколку владини седници.

„Јас моето ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија, го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазувањето на сите неопходни процедури, ова ветување го одржав во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив. Сега, чесен епилог на сево ова е – извинувања кон јавноста и публиката од директорката и Управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини“, подвлече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа информираше и за невистините, манипулациите и заканите кои продолжиле и по дополнувањето на одлуката, со која беше допрецизирано и нагласено дека Џез оркестарот времено, до своето законско оформување, ќе биде во дел од просториите на Филхармонија.

„Поединци, користејќи се со полувистини, на сите манипулации ја дотурија и таа дека ‘заради нивното спротивставување и борба за зградата на Филхармонија’ јас сум им испратила инспекција. Вистината е далеку од тоа. Се работи за редовна комуникација на службите од Министерството за култура со националните институции, и тие не се инспектори. И уште една полувистина – посебната сметка на Филхармонија е блокирана?! Не е точно. Вистината е дека , заради подобра евиденција и искористеност на секој денар во културата, од пред неколку месеци побарав сите Национални установи да достават прецизен план каде и како ќе бидат искористени тие средства. Ако отчетност бараме од другите корисници, зошто не би ја барале и од националните установи“, рече министерката за култура.

Изразувајќи уверување дека вработените во Филхармонија ќе си останат на зборот и дека нивните колеги од Џез оркестарот ќе можат да ги одржат своите генерални проби и концерти во зградата на Филхармонија, Костадиновска-Стојчевска ги повика сите вработени во Филхармонија да ги запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа, да се посветат на творештвото и да дадат придонес во нормализација на односите, затоа што како што рече, тоа сите и го должиме на публиката.

„Ова е крај на манипулативните и непотребно создадени тензии меѓу колеги музичари. Не сакам да навлегувам во тоа кому и зошто му беа потребни, но тие тензии се создадени и прават штета. Сите имаме одговорност да создаваме решенија“, истакна министерката за култура.

Во тој контекст таа изрази надеж дека претседателот на Синдикатот на Филхармонија ќе има минимум доблест на јавноста, но пред сè на своите колеги, да им се извини за сите пласирани манипулативни соопштенија во кои, како што рече, немаше ниту грам синдикализам, а уште помалку култура и со тоа креираше погрешна слика во јавноста дека музичарите се нетрпеливи и тесногради едни кон други.

На крајот министерката за култура на музичарите и од Филхармонија и од Џез оркестарот им посака успешна и плодотворна работа и соработка.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ