Седум дена нè делат од почетокот на 24-то издание на ОФФест, кое што ќе се одржи од 5-ти до 8-ми јуни во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар. ОФФест 2025 ја има најсилната програма во последните неколку години и нуди 9 концерти на врвни музички артисти и групи од 8 различни земји и една специјална филмска проекција. Широката музичка лепеза и разноликоста во жанрови, емоции и доживувања на скопската публика ќе ѝ приредат неповторливо искуство и ќе ја зацврстат позицијата на ОФФест како еден од најпознатите европски фестивали за музика на светот.
Ѕвездата на фестивалот несомнено е грандиозната пејачка MARIA JOÃO. По Лисабон, ОФФест е првата европска концертна премиера на нејзиниот волшебен нов проект – Аbundância. Покрај João во програмата се присутни уште неколку големи звезди на таканаречената музика на светот, како Canzoniere Grecanico Salentino, Kimmo Pohjonen, Vieux Farka Touré, па и нашиот Драган Даутовски.
Во втората вечер на ОФФест доаѓа експлозивниот KIMMO POHJONEN, финскиот феномен на хармониката. По него следува цветното музичко патешествие на фасцинантната MARIA JOÃO, која 40 години шири магична енергија, освојува со својот шарм и плени со чудесниот глас.
ОФФест повторно има возбудлива африканска вечер. Ако минатото издание се отвори со жестокиот Bombino, фестивалот годинава го крева влогот. Во Скопје доаѓа гитаристот VIEUX FARKA TOURÉ, „сахарскиот Хендрикс“, синот на колосалниот Али Фарка Туре и една од најголемите африкански ѕвезди денес. Африканска вечер ќе продолжи со FLORENCE ADOONI, најистакнатото ново име од Гана.
Последната вечер ќе уживаме во прекрасниот глас на словачката пејачка JÚLIA KOZÁKOVÁ, а фестивалот ќе го затворат два извонредни гитарски бендови, MORDÁI од Унгарија и кормиларите на свежата македонска алтернативна сцена – ЛУФТАНЗА. Следејќи ја убавата традиција, во придружната програма на ОФФест ќе биде прикажан и култниот бразилски документарниот филм „Saravah“. Т.Р.
