сабота, јули 27, 2024
домаНедела на бугарски документарци во Кинотека

Недела на бугарски документарци во Кинотека

Од 21 до 27 јуни, во Кинотеката ќе се одржи Неделата на бугарски документарни филмови. Во седумте вечери посветени на авторите од новиот документаристички бран на бугарската кинематографија, како и класичните автори, ќе имате можност да проследите 10 краткометражни и долгометражни наслови.

Станислав Дончев (Stanislav Donchev), Јордан Тодоров (Jordan Todorov), Борислав Колев (Borislav Kolev), Андреј Паунов (Andrey Paounov), Светослав Стојанов (Svetoslav Stoyanov), Коста Биков (Kosta Bikov), Тонислав Христов (Tonislav Hristov), Елдора Трајкова (Eldora Traykova), Панчо Цанков (Pancho Cankov) и Анри Кулев (Anri Kulev) се авторите на филмовите од оваа селекција.

Продуцентката Мартичка Божилова, сценаристката Петја Александрова и филмскиот критичар и историчар на филмот Росен Спасов ќе бидат гости на оваа кинотечна програма и публиката ќе има можност да разговара со нив по проекциите на филмовите.

Петја Александрова е филмски, медиумски и уметнички критичар, историчар и теоретичар, професор на Нов бугарски универзитет. Работела како уредник во радио и телевизија, и неколку весници. Авторка е на четири монографии („Маките на титулата“, „Изгубени во гледањето“, „Преодни приказни за културата и комуникациите“, „Предности и предизвици на кратките форми“), бројни публикации во специјализираниот и периодичен печат, сценарија за телевизиски емисии („Понеделник осум и триесет“, „Ах, овие студенти“, „Магија на фенер“) и за документарни филмови („Карџали, лицата на пејзажот“, „Чувари на нашата совест“). Воедно, по завршување на првата филмска проекција на филмот СТРАЖАРИТЕ НА НАШАТА СОВЕСТ, Петја Александрова ќе ја промовира книгата Бугарскиот посттоталитарен документарен филм на Теодора Стоилова – Дончева (која воедно е и косценарист на филмот)

Росен Спасов (Софија, 1987 година), во 2017 година докторирал на Институтот за уметностите при Бугарската академија на науките. Филмски експерт во Одделот за меѓународни односи на Бугарскиот национален филмски архив. Активно пишува филмска критика за широк спектар на печатени и онлајн медиуми; автор е на книгата „Целулоид, целулоза и облаци: Трансмедијални предизвици за филмската критика во Бугарија (1989 – 2021)”. Продуценира и режира независни документарни филмови. Член е на Сојузот на бугарските филмаџии, Бугарскиот сојуз на новинари и ФИПРЕСЦИ.

Мартичка Божилова е филмски продуцент и сопственичка на продуцентската фирма АГИТПРОП, а во оваа ретроспектива е застапена со повеќе филмови. Со филмот НЕ ДОПИРАЈ МЕ во режија на Адина Пинтиле (неодамна прикажан во Кинотеката во рамките на Неделата на романски филм) ја добива Златната мечка на фестивалот во Берлин.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ