вторник, јули 16, 2024
домаПрекрасна сонатна вечер со маестралниот виолинист Роман Симовиќ

Прекрасна сонатна вечер со маестралниот виолинист Роман Симовиќ

Брилијантната виртуозност и вродената музикалност, поттикнати од безграничната имагинација, црногорскиот виолинист Роман Симовиќ уште еднаш ги потврди на концертот што вчеравечер го одржа во црквата „Света Софија“ во рамки на музичкиот репертоар на годинешното 63-то „Охридско лето“.
Овој маестрален виолинист ги изведе Шесте сонати за соло виолина оп. 27 од белгискиот композитор Ежен Исаи (1858-1931).

-Шесте сонати за соло виолина се голем залак за секој виолинист. Композиторот Ежен Исаи е огромна инспирација за најголемите виолинисти од 20 и 21 век. Целиот живот сонував да ги изведам интегрално, и еве, тој сон сега ми се остварува. Веќе ги снимив на компакт-диск кој се надевам ќе излезе во текот на следната година, вели виолинистот Симовиќ.

Ова е втор негов концерт на фестивалот „Охридско лето“, по оној во 2016-тата година.

-Секогаш е големо задоволството да се биде во Охрид. Мојата сопруга има роднини овде, така што градот ми е прираснат за срце. Во оваа прекрасна црква свирам вторпат и можам да кажам дека публиката е извонредна, додава Симовиќ.

По концертот на „Охридско лето“ неговата турнеја како солист или со оркестар ќе продолжи во родната Црна Гора, а потоа и во Италија, Шкотска, Мексико, Шпанија, Кипар, Србија….

Маестралниот виолинист Роман Симовиќ е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар од 2010 година. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ