недела, јуни 16, 2024
дома„Сергеј е многу глупав“ вечерва на драмскиот репертоар на „Охридско лето“

„Сергеј е многу глупав“ вечерва на драмскиот репертоар на „Охридско лето“

Драмскиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Сергеј е многу глупав“ од Димитри Данилов, во режија на Дејана Николовска, а во изведба на НУЦК „Григор Прличев“ – Народен театар Охрид.
Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Во неа играат Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Горан Стојаноски, Филип Кипровски и Леонида Гулевска.
Во драмата „Сергеј е многу глупав“ се разигрува ситуација во која се кршат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер кога ненадејно и на „голема врата“ во неговиот живот влегува апсурдот. Од Сергеј се очекува брзо и вешто да научи да комуницира со него, нешто за кое тој однапред нема напишан„код“.
Во претставата, наједноставната животна ситуација одеднаш се претвора во егзистенцијална ситуација. Курири–доставувачи, неочекувано доаѓаат кај програмерот и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со Сергеј, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина.Од овој момент па натаму, започнува надреалнo шоу кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив. Страв од средбата со „непознатото“, обидот да се погледнат првичните работи од нов агол, сево ова го оттргнува ликот од вообичаената рутина и му го разнишува светот. Повеќе ништо нема логика. Обичниот живот му е претворен во апсурд.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ