четврток, април 25, 2024
домаШарм, свежина и виртуозност со класичната музика на триото „Векандо“

Шарм, свежина и виртуозност со класичната музика на триото „Векандо“

Композиции од Едвард Григ, Фазил Сај, Дмитриј Шостакович и Морис Равел беа вчеравечер на репертоарот на 63-тото „Охридско лето“ преку извонредната изведба на младите но виртуозни музичари од турското трио „Векандо“.
Турската вечер на „Охридско лето“, на подиумот во црквата „Света Софија“ ги донесе виолинистот Верико Чумбуридзе, виолончелистот Дорукан Дорук и пијанистот Џан Чакмур кои со своето музицирање ја воодушевија фестивалската публика.
Членовите на триото „Векандо“ се наградувани млади музичари, но пред сé, тие се водени од силна желба за заедничко музицирање која ги прави нивните настапи навистина посебни.
-Првпат сме во Охрид и во Македонија и навистина сме изненадени од нејзините убавини. Слушнавме многу за ова место, сепак бевме пријатно изненадени кога се уверивме во тие убавини кога дојдовме на лице место. Акустиката во црквата не можеше а да не се почувствува, меѓусебе се слушавме перфектно. Презадоволни сме од енергијата која владееше вечерва. Програмата е посебна за нас бидејќи имавме чест да свириме дело од наш уметник Фазил Сај. Свиревме со огромно задоволство, особено бидејќи е чест репертоар што го свириме заедно, изјавија членовите на триото „Векандо“ по завршувањето на концертот.
Верико Чумбуридзе е грузиска виолинистка која со интернационална слава се здобива на 20- годишна возраст, по победата на меѓународниот натпревар „Хенрик Виењавски“ во 2016 година. Таа е извонредна солистка, камерен музичар, а особено се истакнува поради имагинативниот пристап кон музиката. До сега има снимено повеќе носачи на звук со делата на Антон Враницки и Џон Вилијамс. Свири на виолина изработена од Џамбатиста Гуадагини која ја добива на користење од Германска фондација.
Дорукан Дорук е виолончелист кој досега има победено на бројни натпревари и настапувал во познати концертни сали низ целиот свет. Добитник е на втора награда на натпреварот за виолончелисти кој го носи името на композиторот Витолд Лутославски, а првото ЦД го снима во 2022, го промовира во 2023 година за издавачката куќа „Џенуин“. Настапува со музичари како Фазил Сај, Јо Јо Ма и Гери Хофман. Свири на инструмент изработен од Антонио Тесторе кој му е даден на користење од германската фондација „Музик лебен“
Џан Чакмур е добитник на прва награда, како и на специјалната награда за камерна музика на меѓународниот натпревар „Хамаматсу“ во 2018 година, како и на Шкотскиот меѓународен натпревар во 2017 година. Неговиот албум снимен за БИС е прогласен за Најдобар соло албум, а тој е прогласен за најдобар млад музичар на ИКМА наградите, а добитник е на признанијата „Шок класика“ и „Златен дијапазон“. Чакмур студирал во класите на Дијан Андерсен и Григори Грузман на Музичката академија „Франц Лист“ во Вајмар.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ