Што би ни донел бесплатниот јавен превоз?

Луксембург е првата земја во светот која воведе целосно бесплатен јавен превоз за сите, без разлика дали се жители или туристи. Замислете да чекате во преполн автобус, со поглед свртен кон прозорецот, кога во возилото ќе влезе контрола. Секојпат кога се случува таков момент, гледаме луѓе како излегуваат од возилото, обидувајќи се да избегнат казна. Таквата ситуација е секојдневие за многумина, но сето ова би можело да биде различно доколку јавниот превоз беше бесплатен.

0
29

Воведувањето на бесплатен јавен превоз во големите градови веќе има успешни примери. Талин, главниот град на Естонија, беше еден од првите градови во Европа што го воведе овој систем, и студиите покажуваат позитивен ефект. Луксембург, исто така, го усвои ова решение, надевајќи се дека ќе ја намали зависноста од автомобилите. Дури и Скопје, за време на високо загадување, го воведуваше бесплатниот превоз како мерка.

Секако, постојат луѓе кои велат дека „нема ништо бесплатно“ и дека „сè мора да се плати“. И тоа е вистина. Одржувањето на јавниот превоз треба да се финансира, но можеби не е неопходно тоа да го прават патниците. Во многу градови, јавниот превоз е веќе субвенциониран, што значи дека голем дел од трошоците се покриваат од даноците што сите ги плаќаме. Впрочем, само околу 20% од трошоците за јавниот превоз се покриваат со продажба на билети во некои балкански градови.

Во Скопје „шверцувањето“ или возењето без билет е честа појава. Голем број граѓани не плаќаат билет, не само поради економски причини, туку и поради незадоволство од квалитетот на услугите. Оваа ситуација би можела да биде основа за промена на системот и премин кон целосно субвенциониран јавен превоз, кој би бил бесплатен за сите.

Доколку финансирањето на јавниот превоз би можело да се прошири преку различни извори, како фондови од паркинзи и такси за возила кои создаваат гужва, би се обезбедиле дополнителни средства за поквалитетен превоз. Ова би ги олеснило и тие што не можат да си дозволат месечна карта, како студентите и невработените, кои секојдневно бараат работа или одат на факултет.

Со бесплатен јавен превоз, луѓето би имале подобра мобилност, која им е неопходна за да стигнат до факултет, работа или културни настани. Ваквиот систем особено би им помогнал на ранливите групи, како младите и постарите, кои често остануваат изолирани поради високите трошоци за превоз.

Додека го гледам системот на јавниот превоз во Скопје, се потсетувам дека неговото подобрување бара многу повеќе од едноставно решение, како што е промена на бојата на автобусите. Јавниот превоз во Скопје бара долгорочна стратегија, повеќе „жолти ленти“ за приоритетен сообраќај, нови возила и подобрена организација. Бесплатниот јавен превоз можеби не е магично решение за сите проблеми, но е чекор кој би го направил превозот подобар и пристапен за сите граѓани.

А.Накова