понеделник, јуни 17, 2024
домаТеатарската претстава „Нора“ вечерва на драмскиот репертоар на „Охридско лето“

Театарската претстава „Нора“ вечерва на драмскиот репертоар на „Охридско лето“

Фестивалската програма на 63-тото „Охридско лето“продолжува вечерва со театарската претстава ,,Нора” од Хенрик Ибзен, во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на актерите од Градски театар Љубљана (МГЉ), Словенија.
Двочасовната претстава наменета за целата публика ќе се игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
„Нора“ или „Домот на куклата“ е едно од најпознатите и најчесто изведувани дела на норвешкиот драматург Хенрик Ибзен. При праизведбата во 1879 година, во Кралскиот театар во Копенхаген, Нора предизвика невиден скандал. Во пиесата, авторот критички го начнува проблемот на патријархално уредениот модел на граѓанско семејство и го артикулира правото на жената да избере ослободување од подреденоста во бракот. Нора низ целата драма пее и цвркоти, купува подароци, со нетрпение го чека Божиќ, но тоа е само улогата што општеството ѝ ја доделило. На крајот признава дека никогаш не била среќна со својот маж. Нора не е само драма за жената, туку пред сè, е драма за бракот.
Режисерката Нела Витошевиќ (1984) е една од најистакнатите претставници на помладата генерација македонски театарски творци. Во 2007 година дипломирала театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на ширум познатиот режисер Слободан Унковски, каде што и магистрирала во 2014 година. Досега, на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ и на Меѓународниот фестивал МОТ има добиено 15 награди. Од 2017 година е вработена во Македонскиот народен театар во Скопје како режисерка.Има режирано околу 30 претстави на различни македонски сцени, од класични дела, современи пиеси како и сценски адаптации на филмски сценарија и кратка проза.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ