Познатата филмска критичарка Сунчица Уневска е една од реномираните филмски експерти, кои на покана на Би-Би-Си, учествуваа во изборот на 100 најдобри филмови во светската кинематографија што ги режирале жени.

Културната редакција на Би-Би-Си при крајот на 2019 година организираше избор по пат на гласање, на 100 најдобри филмови во историјата на кинематографијата потпишани од жени, и за таа цел покани 368 филмски експерти од 84 земји во светот. Сите овие експерти, меѓу кои беше и нашата новинарка и критичарка, имаа задача да го дадат својот избор на 10 најдобри филмови режирани од жени, наредени според значењето што самиот експерт им го дава. На крајот беа избрани топ 25 филма на жени-режисери, а првото место неприкосновено го освои австралискиот филм „Пијано“ на Џејн Кемпион.

Овде е изборот на Сунчица Уневска, кој оригинално може да се види и на линкот подолу:

Sunchica Unevska – Film critic, editor and founder of FILM+ (North Macedonia)
1. The Piano (Jane Campion, 1993)
2. Rambling Rose (Martha Coolidge, 1991)
3. Away from Her (Sarah Polley, 2006)
4. Whale Rider (Niki Caro, 2002)
5. After the Wedding (Susanne Bier, 2006)
6. Winter’s Bone (Debra Granik, 2010)
7. Europa Europa (Agnieszka Holland, 1980)
8. Fish Tank (Andrea Arnold, 2009)
9. Daisies (Vera Chytilová, 1966)
10. The Hitch-Hiker (Ida Lupino, 1953)

http://www.bbc.com/culture/story/20191126-the-100-greatest-films-directed-by-women-who-voted-m-z

Интересно и важно, секако, е дека во изборот на топ 25 филма режирани од жени влегоа дури пет филма за кои гласаше Уневска, освен „Пијано“, тука се и: „Студ до коска“, „Аквариум“, „Маргаритки“ и „Автостопер“. А што се однесува до „Пијано“, на сајтот на Би-Би-Си има осврт „Зошто ‘Пијано’ е најзначаен победник“, додека ние ќе цитираме еден дел од критиката на Уневска за филмот на Џејн Кемпион: „’Пијано’ не е љубовен филм, тоа е филм за суштината, за страста кон животот, кон љубовта, кон музиката, кон природата, за необичната волја да се доживее животот целосно, потполно, жестоко, во сета своја целокупност, да се навлезе во сржта, па дури и покрај сопствената болка. Тоа е филм за една посебна личност, за нејзината необичност, упорност, бескомпромисност, за нејзината сила и надмоќ со кои, на свој начин, успева да го менува животот на сите што живеат околу неа. Тоа е филм за судирот меѓу формата и содржината, помеѓу вистинската љубов и поседувањето, за судирот меѓу илузијата и тривијалноста. За големината на една жена, за нејзиниот редок талент, бескомпромисна волја за изборот да се живее по свое, по секоја цена…“